Достапни линкови

СДСМ ќе формира паралелни институции?


Наместо класична Влада во сенка со индивидуални кадровски решенија, ќе има ресорски комисии кои активно ќе ги следат проблемите и состојбите во секое министерство, а ќе предлагаат и решенија, мерки и активности.

Во очекување на прес конференцијата на која лидерот на Социјалдемократскиот Зоран Заев треба да ја соопшти стратегијата за вонинституционално дејствување, медиумите веќе пишуваат за клучните активности кои се вградени во таа стратегија.

На овој начин барем ќе се доближи алтернативна политика до граѓаните, ќе се организираат средби со граѓаните, тркалезни маси, контакти со невладините организации.
Тито Петковски, Новасоцијалдемократска партија.

Како што јавува Дојче Веле, таа ќе се темели на две клучни работи, а тоа се засилените контакти со граѓаните и широк фронт на внатрепартсики активности. Наместо класична Влада во сенка со индивидуални кадровски решенија, ќе има ресорски комисии кои активно ќе ги следат проблемите и состојбите во секое министерство, а ќе предлагаат и решенија, мерки и активности. Целта е преку таквите паралелни институции будно да се следат состојбите во сите сфери и истите да имаат улога на коректор на сите девијантни појави.

Ваквото дејствување на опозицијата според лидерот на Новасоцијалдемократска партија, Тито Петковски е оправдано и нуди алтернативна политика до граѓаните. Стратегија мора да постои и таа има задача да го мобилизира членството и врз основа на делувањето на секоја општинска организација да се формира политиката на ниво на партијата, а во јавноста да се формира јасен и недвосмислен став за било кое прашање.

Тоа значи дека како држава во целина ќе бидеме лишени од едно поорганизирано опозициско парламентарно дејствување и тоа ќе има соодветен одраз на вкупните состојби, на проценките за демократијата во Македонија.
Павле Трајанов, Демократски Сојуз.

„На овој начин барем ќе се доближи алтернативна политика до граѓаните, ќе се организираат средби со граѓаните, тркалезни маси, контакти со невладините организации, едноставно да се претстави пред граѓаните вонинституционално како може да се формира алтернативна политика.“

За разлика од него лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов смета дека иако ова е демократско право на опозицијата, ваквото дејствување претставува основа за натамошно раслојување и фрагментирање на опозицијата. Вонпарламентарното дејствување ќе биде на штета и на вкупните демократски процеси во државата, потенцира Трајанов.

„Тоа значи дека како држава во целина ќе бидеме лишени од едно поорганизирано опозициско парламентарно дејствување и тоа ќе има соодветен одраз на вкупните состојби, на проценките за демократијата во Македонија. Генерално јас сум за тоа да дејствуваат согласно нивните ставови и определби, но важно е да дејствуваат во парламентот, како најголема опозициона партија.“

Петковски уверува дека формирањето на комисиите, не значи постоење на паралелни институции. Според него тоа е само метод на работа кој ќе одговара на официјалната политика на Владата во сите институции.

До ваквата одлука на социјалдемократите доаѓа откако веќе неколку месеци нема никаков напредок во преговорите со власта, а во врска со барањата кои опозицијата ги постави веднаш по изборите во април. Средбата помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев заврши без успех, зошто за власта и тогаш и сега е неприфатливо барањето за формирање на техничка влада.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG