Достапни линкови

Нема место за спортска рекреација во Тетово


Macedonia - Sports Center in Tetovo - Aug2014
Macedonia - Sports Center in Tetovo - Aug2014

Десет илјади квадратни метри наменети за спортување и рекреација стојат неискористени во Тетово. Спортскиот центар чека одлука на општината дали ќе стопанисува или ќе го даде просторот под наем.

Клацкалки, лулашки, лизгалки за деца, фудбалски, ракометни, тениски игралишта. Сето ова го има на спортско рекреативниот центар во Тетово, но ништо од тоа не е во функционална состојба. Сите реквизити на детските игралишта се уништени, некои се украдени за да препродаваат како старо железо. Спортските терени не се обновени ниту еднаш од 1970 година кога се изградени. Тетовци, пред се оние со мали деца, спортскиот центар единствено можат да го користат да се прошетаат бидејќи е погодно како место без автомобили.

Ние доаѓаме тука, ама на спортскиот центар нема ништо. Нема нишалки, нема клацкалки. Лизгалката е искршена. Ние на спортски доаѓаме, фудбал играме, играме кошарка. И фудбал кога играме не можеме да играме, головите се искршени, кошовите немаат мрежа.
Анкетиран граѓанин.

„Ние доаѓаме тука, ама на спортскиот центар нема ништо. Нема нишалки, нема клацкалки. Лизгалката е искршена. Ние на спортски доаѓаме, фудбал играме, играме кошарка. И фудбал кога играме не можеме да играме. головите се искршени, кошовите немаат мрежа.“

„Катастрофално е. Треба да се инвестира на спортски центар, време е веќе.“

„Значи жалосно е. Во наше време беше поинаку. Барем имаше место каде што се социјализираа деца. Се играло кошарка, имало лулашки,имало мајки со деца, сега едноставно е празно, понекое детенце ако видиш да трча. Навистина некој треба нешто да преземе“, велат анкетирани граѓани.

Мора да има физибилити студија, врз неа да се работи. Засега има проект за поставување на вештачка трева на фудбалско игралиште по стандардите на УЕФА, што е во фаза на реализација.
Љуме Хусеини, портпарол на општина Тетово.

Спортско рекреативниот центар до февруари 2014 беше во надлежност на државното јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти кое го издаваше на концесионери. Просторот беше користен за издавање и служеше како плац за продажба на автомобили и слично. Во февруари, општина Тетово ја презеде надлежноста, но ништо не се промени.

Љуме Хусеини, портпарол на општина Тетово, вели дека не преземаат ништо засега бидејќи ќе се прави анализа дали општината да стопанисува или ќе го даде под концесија или пак нешто трето.

„Моментално сме во фаза на изнајмување на консултантска куќа која ќе изработи физибилити студија за спортскиот центар и спортските објекти со кои сега менаџира Општина Тетово. Мора да има физибилити студија, врз неа да се работи. Засега има проект за поставување на вештачка трева на фудбалско игралиште по стандардите на УЕФА, што е во фаза на реализација“, изјави Љуме Хусеини.

Невладини организации од Тетово во јуни реализираа краткорочна иницијатива наречена Рестарт, со цел да се подобрат условите на спортскиот центар. Беа спроведени неколку акции за чистење на сметот, бојадисување и слично.

XS
SM
MD
LG