Достапни линкови

Рамковниот договор – 13 години потоа


Меѓуетничките односи во првите години по потпишувањето на договорот според истражувањата на јавното мислење беа во нагорна линија, за потоа повторно да се влошуваат. Но како што велат аналитичарите, тие се опасен инструмент за дефокусирање на јавноста а проблемот секогаш се движе од горе кон доле.

Месеците по 13 август 2001 година Рамковниот договор не беше документ на кој се гледаше како на нешто што ги релаксира меѓуетничките односи, туку напротив тој беше доста неприфатлив за етничките Македонци. Но годините подоцна и според некои испитувања на јавните мислења односите меѓу двете најголеми етнички заедници почнаа да се релаксираат. Имено во извештајот изработен со поддршка на УНДП во декември 2005 година секој трет граѓанин ги оценил меѓуетничките односи како лоши или многу лоши што е подобро од состојбите претходно.

Се формира еден меѓуетнички јаз, еден паралелизам меѓу двете општества, според мене, многу повеќе ризичен за целокупната општествена кохезија, отколку зголемените тензии меѓу различните заедници.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Во испитување на јавното мислење спроведено од агенцијата БРИМА Галуп, пак, во 2009 година на прашањето кои се главни пречки за влегување во Европската унија 34 отсто од анкетираните одговориле дека тоа се меѓуетничките односи, додека во анкетирањето 2005 година тој процент бил 19 отсто.

Во четирите експозеа како премиер Груевски неизбежно ги споменува меѓуетничките односи меѓу петте приоритети на владата што ја води, но и лани меѓународната организација Амнести интернешнл оцени дека има нарушување на односите меѓу етничките Македонци и Албанци.

Ова етничко, а не идеолошко засновање на политичките партии, е генератор на кризи во меѓуетничките односи, бидејќи натпреварот не е на подобри идеолошки проекти, туку е етнички натпревар, што неминовно создава тензии во меѓусебните односи.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

Според аналитичарот Алберт Муслиу ова се случува затоа што меѓуетничките односи како што вели стануваат дел од механизмите за политичко дејствување.

„Се формира еден меѓуетнички јаз, еден паралелизам меѓу двете општества, според мене, многу повеќе ризичен за целокупната општествена кохезија, отколку зголемените тензии меѓу различните заедници, затоа што како по некое правило кај нас тензиите потекнувале од горе кон доле, значи не постоел некој вроден историски анимозитет меѓу етничките заедници, туку според инцидентите кои ни се појавувале биле рефлексија на однесувањето на институциите и на политичките елити“, вели Муслиу и додава дека сака да верува во убедувањата од владината коалиција дека има интенциите за подобрување на односите но дека недостига долгорочна стратегија.

„За жал разликите меѓу етничките заедници тука се инструментализираат во интерес на политичарите за да ги дефокусираат граѓаните и од другите проблеми“, вели Муслиу.

И аналитичарот Сашо Клековски вели дека она што се перцепира од граѓаните како најсегрегирачки фактор во општеството се политичките партии.

„Нашите политички партии сè уште се базирани на етничка мотивација, а не на идеолошка. Ние немаме идеолошки засновани партии, ние имаме етнички засновани политички партии и тука е вината на двете страни. Нашите граѓани, иако велат дека сакаат мултикултурни партии, за тоа се изјасниле мнозинството граѓани, односно две-третини од граѓаните би сакале повеќе мултикултура во политичките партии, на крај сепак етнички се определуваат за политичкиот избор. И ова етничко, а не идеолошко засновање на политичките партии, е генератор на кризи во меѓуетничките односи, бидејќи натпреварот не е на подобри идеолошки проекти, туку е етнички натпревар, што неминовно создава тензии во меѓусебните односи“, вели Клековски.

Иако по 13 години од потпишувањето се уште има дилеми околу корисноста и спроведувањето на договорот, едно е сигурно, дека со него се стави крај на конфликтот. Тој беше потпишан со силно присуство на меѓународната заедница која испрати и свои директни олеснувачи.

Чести гости во Македонија тогаш беше познатата меѓународна четворка Џејмс Пердју, Хавиер Солана, Франсоа Леотар и Питер Фејт.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG