Достапни линкови

Карафилоска добитничка на наградата „Живко Чинго“ за кус расказ


Верче Карафилоска, писателка.
Верче Карафилоска, писателка.

Со фиктивната приказна „Коси од розова волница“, младата Верче Карафилоска е годинешната победничка на конкурсот за кус расказ „Живко Чинго“, што традиционално го организира Општина Охрид. Наградата ќе ѝ биде врачена на 13 август на културната манифестација посветена на големиот македонски писател во неговото родно село – Велгошти.

Ќерка ми се вика Солза.

Во Македонија многу е важно да се имаат некои книжевни награди. Особено ако си млад писател. Да видат дека вредиш. Да видат дека тоа што се пишува не е наивно и дека не поминува толку брзо.
Верче Карафилоска, писателка.

Солза - како капката што ми виснуваше од крајчето на окото додека со стиснати заби ѝ давав род. Солза - како водицата во која ми се капеше насмевката кога првпат ѝ го стиснав телцето во рацете. Им го носи името на мравите кои сега сакам да ги пуштам да закапнат и да престанат да ми се тискаат како лепливи кнедли под клепките, ама не можам. Не можам. Оти слободна не сум. Оти слободна никогаш повеќе не ќе бидам.

ас моите приказни целосно рационално ги поставувам. Прво ги пишувам, а потоа ги поправам. Ја менувам нивната структура за да бидат посилни емотивно, бидејќи структурата многу значи во емотивното доживување на читателот.
Верче Карафилоска, писателка.

Ова е кус извадок од „Коси од розова волница“ со кој Верче Карафилоска победи на конкурсот за кус расказ што во рамките на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“ го распишува Општина Охрид. Тој на младата авторка ѝ е второ позначајно книжевно остварување по минатогодишното освојување на првото место со „Мукавени ѕвезди“ на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“.

„Во Македонија многу е важно да се имаат некои книжевни награди. Особено ако си млад писател. Да видат дека вредиш. Да видат дека тоа што се пишува не е наивно и дека не поминува толку брзо. Поради тоа мислам дека многу значат, а навистина се неопходни и доколку се сака да се аплицира за средства за објавување на конкурсот што го распишува Министерството за култура. И бидејќи, колку што знам, овие две награди „Живко Чинго“ и онаа на „Нова Македонија“ се едни од најзначајните што се доделуваат кај нас за кус расказ, голема чест ми е да ги добијам особено на толку рана возраст“, вели младата авторка.

Родена на 23 март 1994 година во Гостивар, Верче Карафилоска средно образование завршува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, а сега е студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Говорејќи за себе како творец чија наобразба ќе биде економијата, таа смета дека „кај нас во Македонија инспирацијата е преценета“ и дека премногу дела се пишуваат одеднаш без да се размислува дали функционира приказната.

„Јас моите приказни целосно рационално ги поставувам. Прво ги пишувам, а потоа ги поправам. Ја менувам нивната структура за да бидат посилни емотивно, бидејќи структурата многу значи во емотивното доживување на читателот. А, економијата ми помага многу порационално да ги гледам работите. Мислам дека ми помага во еден аспект што многу фали во Македонија, а тоа е начинот на кој што сите овие дела што ги твори писателот, прави да стигнат до самиот читател бидејќи кај нас има многу добри автори кои не знаат како да се истакнат и да допрат до вистинските читатели. Читатели има, меѓутоа тие недоволно се запознаени со она што македонската книжевна сцена го нуди“, вели таа.

Компарирајќи ги двете свои наградени творби, Карафилоска појаснува дека „Коси од розова волница“ е фиктивна приказна(„во домот имам кукла со коси од розова волница што виси на ѕидот спроти креветот, и тоа е единствената вистина во него“) за судбината на една жена – сопруга и мајка, која прерано заминува од земниот свет и, водена од љубовта кон својата ќерка, решава да се спротивстави на силите кои сакаат да ја „одведат“. Авторката потенцира дека тој зборува за потребата човек да научи да преминува преку нештата и да продолжи со животот како и за неизбежноста на судбината која на ваков или онаков начин на крајот секако го наоѓа човека.

„За разлика од мојот претходно награден расказ „Мукавени ѕвезди“, „Коси од розова волница“ е раскажан со донекаде поедноставна нарација и почист израз. Од друга страна, приказната е повторно мрачна и смртта е повторно присутна. Сакам да си играм со човечките емоции и сметам дека нивната сеприсутност во еден текст, во секој негов збор и реченица е нужна за тој да може вистински да допре до своите читатели“, вели младата писателка.

Инаку, Карафилоска како „голем, голем верник во препишување и преправки“ веќе четири години го работи својот деби роман со работен наслов „Бездомникот со златен часовник“ за кој истакнува дека конечно се наоѓа во завршна фаза. Неговото објавување го планира за наредната година и најавува дека станува збор за дистописки социјален роман со трилер елементи чие дејствие се случува во Скопје во 2027 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG