Достапни линкови

Неделен печат – Името и исклучена опозиција


Неделниците Глобус и Фокус ја критикуваат пасивноста на опозицијата во изминатиот период, а Република го анализира спорот за името.

Глобус - OFF опозиција

Јавна тајна е дека сдсмовци се поделени во разни струи кои водат борба меѓу себе и не извлекле поука од ова, а тоа е сигурен пат кон самоурнисување и самоисклучување од политичката сцена.
Глобус.

За OFF опозиција пишува колумнистот во Глобус откако објаснува што значи изразот off на англиски јазик: исклучен/изгаснат. Па потсетува дека досега не се случило висок функционер од странство, како Американката Нуланд на пример, јавно да ја заобиколи, односно, да ја исклучи опозицијата. Јавна тајна е дека сдсмовци се поделени во разни струи кои водат борба меѓу себе и не извлекле поука од ова, наведува понатаму колумнистот, а тоа е сигурен пат кон самоурнисување и самоисклучување од политичката сцена.

Владејачката коалиција, забегана до неограничената власт, речиси секој ден им отвора простор на опозиционите партии да ги разголат нејзината неспособност и самоволието, ама напразно. Ниту профункционира парламентот во сенка, ниту, пак, владата во сенка. Опозицијата е во ладовина. Коалицијата на власт одамна во off позиција ги стави и државата и граѓаните. Истото го прави опозицијата со самоисклучување од политичката сцена. И таа ги става граѓаните во off позиција, па дури дпмнето и да го прифати барањето за техничка влада, опозицијата, со вакво однесување, тешко дека ќе може да победи на избори, дури и ако самата ги организира, со резигниран тон завршува колумната во Глобус.

На секои избори, опозиционерите доживуваат нова ’Битка кај Беласица‘, па стасаа до тоа ниво, самите да си ги вадат очите меѓу себе!

Фокус - Наместо проактивна, имаме пропасивна опозиција!

„Сè додека опозицијата ни е непоткована, власта ќе си остане незауздана!“ и „На секои избори, опозиционерите доживуваат нова ’Битка кај Беласица‘, па стасаа до тоа ниво, самите да си ги вадат очите меѓу себе!“ - се главните поенти на колумната во Фокус, во која колумнистот, поттикнат од асоцијации на античката и на средновековната историја ги анализира состојбите во СДСМ и начинот на неговото работење, односно неработење, или како што пишува: „Наместо проактивна, имаме пропасивна опозиција!“.

Република – Нимиц и спорот за името

Република посветува неколку текстови на проблемот со името и преговорите за него, во светлина на неодамнешната посета на посредникот Нимиц на Скопје, а потоа и на Атина. Со критика до опозицискиот лидер Зоран Заев дека не го прекинал одморот ниту за посетата на Нимиц, од што уводничарот во Република заклучува дека сè повеќе тоне на политичката сцена, неделникот им забележува на проопозициските медиуми што веднаш истрчале да ја осудат македонската страна дека намерно го измислува проблемот со идентитетот искривувајќи ја, како што тврди, изјавата на Нимиц. Авторот потоа прашува зошто, ако се толку уверени во „вистината“ што упорно ја сервираат, ја пропуштиле можноста да поентираат и целосно да го разобличат „лажниот патриотизам на власта“ поставувајќи едноставни прашања зошто за посредникот секогаш сме „оваа земја“, зошто не го кажал името на народот и како се вика јазикот што го говореле граѓаните во Македонија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG