Достапни линкови

Новите санкции тешко ќе ја погодат Русија


Последната рунда санкции од Европската унија и Соединетите држави ќе го огранични пристапот на Русија во она што ѝ е најнеопходно, финансирањето и технологијата од Запад. Според проценките, санкциите тешко ќе ја погодат руската економија, а последиците би траеле неколку години.

Комбинираните санкции од Западот дојдоа во време кога руската економија е нестабилна.Кризата во Украина веќе предизвика нервоза кај инвеститорите што доведе до масовно одлевање на капиталот, околу 75 милијарди долари излегоа од Русија само во текот на оваа година, што е многу повеќе отколку лани.

Тоа придонесе за намалување на вредноста на рубљата за 9 насто и за зголемување на цените на увезените производи.

Но, новите санкции со кои за прв пат главна цел е рускиот економски сектор можат уште повеќе да ја ослабат економијата на таа земја.

Тие драматично го намалуваат нејзиниот пристап до западните пазари на капитал и до новите технологии, две работи кои го стимулираат економскиот раст.

„Нашата основна прогноза за економскиот пораст на Русија пред последната рунда санкции за годинава беше 0,2 насто. Со новите санкции се зголемува опасноста дека Русија ќе има негативен пораст“, вели Адам Слатер, од Оксфорд Економикс, додавајќи дека тоа е негативен сигнал за странските инвеститори.

Најпрвин последиците од новите санкции ќе се почувствуваат во финансискиот сектор, со оглед на тоа што на руските банки им се забранува пристап на западните пазари, нивниот најголем извор на средства.

Нашата основна прогноза за економскиот пораст на Русија пред последната рунда санкции за годинава беше 0,2 насто. Со новите санкции се зголемува опасноста дека Русија ќе има негативен пораст.
Адам Слатер, Оксфорд Економикс.

Тоа пак ќе ја намали нивната способност да финансираат поголеми развојни проекти.

„Повеќето проекти бараат долгорочно инвестирање, но сега руските државни банки не можат да дојдат до таков вид на финансиски инвестиции“, оценува Владимир Миклашевски, економист во Данске банк од Хелсинки.

Долгорочниот импакт главно ќе биде врз енергетската индустрија каде што е неопходен пристап до новите западни технологии.

Со текот на времето во оваа сфера Русија ќе станува се помалку конурентна во светот.

Санкциите не се насочени кон секторот со гас кој ја снабдува Европската унија со една третина од нејзните потреби за овој енергенс. Тие го имаат за цел нафтениот сектор, посебно технологиите за црпење нафта.

Западот смета дека санкциите ќе успеат, бидејќи верува оти Москва не може да најде соодветни извори на финасирање или нови технологии во другиот дел од светот.

Експерите мислат дека азиските берзи не можат да и понудат на руската економија различни видови инвестиции, бидејќи таму доминираат државни, а не приватни инвеститори кои се пофлексибилни и поподготвени на поголеми ризици.

Но, санкциите би можело да бидат болни и за Европската унија со оглед на тоа што Русија и е трет најголем трговски партнер.

„ЕУ Обзервер“ цитира европски дипломат кој вели дека Унијата очекува да загуби 40 милијарди евра во оваа и 50 милијарди во идната година, бидејќи Москва ќе одговори со свои санкции.

Најлошо ќе биде ако тој одговор прерасне во енергетска војна. Сепак, многу земји сметаат дека Русија нема да посегне по таква мерка со оглед на тоа што Европа и е најпрофитабилниот енергетски пазар.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG