Достапни линкови

Протести за „покажување мускули“ меѓу владините партнери


Преку протестите за случајот Монструм, коалиционите партнери во власта меѓусебно си испраќаат пораки и си покажуваат „мускули“, вели претседателот на невладиниот Центар за меѓуетничка толеранција, Владо Димовски.

Немирите на протестите на Албанците против пресудите во случајот Монструм се во режија на власта, вели претседателот на невладиниот Центар за меѓуетничка толеранција, Владо Димовски, во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела. Тој вели дека преку протестите, коалиционите партнери во власта меѓусебно си испраќаат пораки и си покажуваат „мускули“.

Излегувањето од контрола на протестите секогаш, барем според мое мислење, секогаш е режирано. Тука се покажува силата, дека ние можеме уште повеќе од ова да направиме, тоа е испратена порака.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.

„Излегувањето од контрола на протестите секогаш, барем според мое мислење, секогаш е режирано. Тука се покажува силата, дека ние можеме уште повеќе од ова да направиме, тоа е испратена порака. Зошто ако имавме едниот ден насилни протести, веќе другиот ден имавме мирни протести? Што, се уплашија од полицијата или, пак, полицијата едниот ден не смееше да реагира, па другиот ден смееше да реагира? Тоа се приказни за мали деца.“

РСЕ: Кој ги режира?

Гневот на граѓаните е многу голем и институциите треба да бидат многу внимателни да не ги провоцираат граѓаните, бидејќи имаме една пресуда на која граѓаните не и веруваат и многу лесно може да се случи тоа да ескалира.
Арсим Синани, универзитетски професор.

„Тоа си се коалиционите партнери, да се разбереме. Едни на други си испраќаат пораки“, вели Димовски.

На забелешката дека е тешко да се поверува оти ДУИ стои за протести на кои демонстрантите извикуваат „Али предавник“, Димовски вели дека во спротивно би било многу очигледно.

„Ако вие немате ниедна парола или ниеден повик од тие демонстранти против својата политичка партија, не сакам да именувам, тогаш ќе биде многу јасно дека сето тоа е организирано од нив, но доколку имате и такви повици, тогаш веќе кај граѓаните ќе постои еден сомнеж дека ова не е тоа што би требало да биде“, вели Димовски.

Тој посочува дека протестите нема да ги влошат меѓуетничките односи, зашто и покрај големоалбанската иконографија и реторика, на која гледа како на фолклор, протестите немаат етнички предзнак, туку се насочени кон судството.

Од друга страна, универзитетскиот професор Арсим Синани вели дека протестите се автентични и не треба да се бара скриен организатор, затоа што причина за протестите е акумулираниот гнев на граѓаните.

„Гневот на граѓаните е многу голем и институциите треба да бидат многу внимателни да не ги провоцираат граѓаните, бидејќи имаме една пресуда на која граѓаните не и веруваат и многу лесно може да се случи тоа да ескалира и мислам дека институциите прво треба да бидат многу претпазливи, па после тоа да го бараат и од граѓаните“, вели Синани.

Денеска нема да има нови протести против пресудата во случајот Монструм, како во изминатите неколку петоци. Организаторите велат дека протестите се одложени поради празникот Рамазан Бајрам, но оти ќе продолжат од наредниот петок.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG