Достапни линкови

Неделен печат - Монструм, заспана опозиција и спорот за името


Глобус ги анализира протестите против Монструм, Фокус ја критикува заспаната опозиција, а Република пишува за спорот за името.

Глобус - Протести зафатени од транзиција

Нашиот проблем не е неспремноста на безбедносните структури да решаваат вакви прашања и проблеми, туку спремноста на политиката да ги произведува.
Глобус.

По двата протести поради пресудите во Монструм, едниот насилен, другиот зачудувачки мирен, он-лајн магазинот Глобус прави рекапитулар на своите тези за прашањето на безбедноста на Македонија, искажани во текстовите на новинари и колумнисти неколку години наназад.

Шаторите кои ги најавија стечајците пред парламентот, се чини требаше прв да ги истопори СДСМ. Таму, место стечајците, да ги пикне несудените пратеници, со Заев на чело, ако сакаат да се легитимираат во предводник на една поширока граѓанска акција за спас на земјата, од штетните политики на „режимот“.
Фокус.

Па во текстот „Протести зафатени од транзиција“ потсетува дека безбедносното прашање на земјава никогаш нема да биде безбедносно, туку, пред сè, политичко прашање. „Со други зборови, нашиот проблем не е неспремноста на безбедносните структури да решаваат вакви прашања и проблеми, туку спремноста на политиката да ги произведува. Не постои полиција, ниту постои војска која може да го следи конфликтното темпо на една политика, особено ако е во добра форма во каква што, на пример, се наоѓа екипата на надвојводата Николае Груевски“, го репринтира неделникот мислењето на еден свој колумнист, напишано во 2011 година.

Последниот протест поради Монструм беше редуциран во многу сегменти, дури до непрепознатливост, пишува Глобус, наведувајќи дека, меѓутоа, допрва треба да се прават политичките проценки, а на тој терен, вели, има и доста материјал и за оценки и за одговорност.

Фокус – Опозицијата на летен распуст

Фокус во воведната колумна настапува со критика до опозицијата која, како што пишува, заминала на „Летен распуст“. Шаторите кои ги најавија стечајците пред парламентот, се чини требаше прв да ги истопори СДСМ. Таму, место стечајците, да ги пикне несудените пратеници, со Заев на чело, ако сакаат да се легитимираат во предводник на една поширока граѓанска акција за спас на земјата, од штетните политики на „режимот“, пишува Фокус, па наведува дека во земјава е затишје. Две владејачки партии во „работно лето“, претседател „слика има - тон нема“ и опозиција на летен распуст! Дали Русите, Американците и Британците ќе ја победеа германската армада во Втората светска војна ако на тенковските десанти возвраќаа со петарди и повремено со по некоја граната? - прашува на крај Фокус.

Република - Германија и САД се заложници на грчкото влијание врз еврото

Република оди со колумна во која главна теза е дека „Германија и САД се заложници на грчкото влијание врз еврото - интересот е посилен од вредностите“. Имено, неделникот пишува дека последната посета на Нуланд и пораките на Меркел јасно покажуваат дека Вашингтон и Берлин се свесни кој е во право во нашиот спор со Грција и на чија страна е меѓународното право, но дека и покрај тоа не смеат да си дозволат да извршат силен притисок врз грчкиот премиер Самарас да попушти, за да не ја загрозат грчката влада, а со тоа и планот за спас од финансиска криза, со што директно би се загрозиле еврото и целата еврозона.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG