Достапни линкови

Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2014“


Со изведбата на „Војникот фалабаџија“, во режија на Лука Кортина и во продукција на Турскиот театар од Скопје, на 19 јули, во 21 часот, ќе започне 13-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. До 26 јули, на оваа уникатна културна манифестација, во конкуренција за награди ќе бидат четири театарски претстави од кои три од нашава земја и една од Казахстан.

Домашните „Војникот фалабаџија“, во режија на Лука Кортина и во продукција на Турскиот театар од Скопје, независната продукција „Федра“ на Билјана Радиноска работена според текстот на Сара Кејн, Шекспировата „Многу врева за ништо“ што Дејан Пројковски неодамна ја постави во Театар Комедија и ексклузивното видување на „Медеја“ на Казахтанскиот театар за танц и музика „Ајгул Иманбаева“, се четирите театарски претстави што , од 19 до 26 јули, ќе бидат прикажани во официјална конкуренција на претстојниот 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

Фестивалот е тематски. Секогаш се обидуваме да донесеме претстави на античка тема, но понекогаш правиме исклучоци и во програмата вклучуваме проекти кои го третираат амбиенталниот театар.
Зоран Љутков, претседател на Здружението за античка драма „Стоби“.

„Фестивалот е тематски. Секогаш се обидуваме да донесеме претстави на античка тема, но понекогаш правиме исклучоци и во програмата вклучуваме проекти кои го третираат амбиенталниот театар. Многу театарски групи од странство практично прават преадаптација на своите претстави за да можат да земат учество на овој фестивал“, вели Зоран Љутков, претседател на Здружението за античка драма „Стоби“, кое заедно со општина Велес се организатори на фестивалот.

Зоран Љутков, актер.
Зоран Љутков, актер.

Љутков притоа дополнува дека, нему како актер, му е особено драго што годинава на манифестацијата е присутна и една независна македонска продукција. Појаснува дека проектот на Радиноска говори за една трепетлива, безрезервна љубов која ги надминува ограничувачките рамки на едноставните дефиниции и дека во него играат Стефанија Зисовска како „Федра“, Благој Веселинов кој го толкува ликот на Хиполит и Нина Максимова која се појавува во улогата на Строфа.

Жал ми е што од три или четири илјади публика колку што имавме од 2001 наваму сега моравме да ја сведеме на 700 до 800 луѓе затоа што во Стоби има големи зафати на археолошкиот локалитет, но никогаш не сме имале проблем со бројот на посетителите на манифестацијата.
Зоран Љутков.

„Тие досега „Федра“ ја играа во мали интимни, клубски простори. За прв пат овдека ќе настапат пред поголем аудиториум. Ние направивме преадаптација на просторот и публиката, некаде 60-на гледачи од вкупно 700 за колку што е предвидено гледалиштето, сега ќе бидат на сцената и ќе можат во соодветен амбиент да го проследат овој проект. Токму и затоа се одлучивме, на 21 јули „Федра“ да има и две изведби – едната од 21, а другата од 23 часот. “

„Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.
„Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.

Како прв човек на Здружението на релативно помлади актери и уметници од Велес кое пред пет години ја презеде организацијата на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, Љутков потенцира дека тие внимателно го следат пулсот и вниманието на публиката и дека забележале дека таа пројавува поголем интерес за претставите со танц и музика и за оние на македонски или блиските јазици. Од таму, тој не се сомнева дека во случајов имаат понуда што ќе го предизвика вниманието не само на љубителите на театарот од Велес, туку и на оние од поблиските и подалечните општини.

„Жал ми е што од три или четири илјади публика колку што имавме од 2001 наваму сега моравме да ја сведеме на 700 до 800 луѓе затоа што во Стоби има големи зафати на археолошкиот локалитет, но никогаш не сме имале проблем со бројот на посетителите на манифестацијата. Луѓето патуваат по 60-на километри во двата правци за да дојдат да гледаат претстава и секогаш гледалиштето било полно. Пробавме да ги анимираме и успешно ни оди тоа и околните градови и населени места како што се Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци...та дури почнуваме со растурање на рекламен материјал и во Гевгелија. Имаме многу често и посетители од Струмица.“

Инаку, на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ и овојпат ќе бидат доделени четири награди „Антигона“ - Гранпри за најдобра претстава на фестивалот, награда за најдобра режија и наградите за најдобра машка и женска улога. За нив овојпат ќе одлучува жирито во состав: Драган Спасов Дац и Кети Борисовска – актери и Венко Серафимов-музичар.

Конечно, на завршната вечер, на 26 јули, во чест на наградените, Велешкиот театар ќе ја изведе Шекспировата „Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG