Достапни линкови

Полицијата будно ја следи состојбата, апели за мирни протести


Протести за случајот „Монструм“.
Протести за случајот „Монструм“.

Полицијата е максимало спремна да одговори на ситуацијата и да се справи ако дојде до насилство на протестите за случајот Монструм. Апели за мирни протести и воздржување од насилство упатија и претставниците на меѓународната заедница во земјава.

Полицијата будно ја следи состојбата и е подготвена да одговори на евентуалните безбедносни предизвици по најавите за нови протести против пресудата за Монструм. Од Министерството за внатрешни работи велат дека не добиле формална пријава за одржување на протести од страна на организаторите, но дека тие будно ја следат состојбата.

Ќе бидеме максимално подготвени професионално да одговориме на ситуацијата и да се справиме доколку дојде до какво било насилство или агресија како претходниот пат, за да спречиме поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

„Ќе бидеме максимално подготвени професионално да одговориме на ситуацијата и да се справиме доколку дојде до какво било насилство или агресија како претходниот пат, за да спречиме поголеми нарушувања на јавниот ред и мир“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Покрај протестите, преку социјалните мрежи се најавуваат и контрапротести на Македонците.

„Македонија почна да личи на Палестина, но Скопје не е Бејрут“, се вели меѓудругото во повикот на Македонците.

Го повторуваме нашиот повик за мирно изразување на ставовите и воздржување од насилство. Никој нема право да наштетува на други луѓе или на туѓа сопственост. Насилството ја подрива легитимноста на целите и ја намалува продуктивноста на напорите насочени кон разрешување на прашањата.
Став на Амбасадата на Соединетите Држави во Скопје.

Во врска со најавите дека на протестите ќе присуствуваат и навивачки групи од Косово и од Албанија, од Министерството велат дека редовно ги следат информациите на социјалните мрежи, но и дека имаат комуникација со службите во двете соседни земји. Уверуваат дека полицијата има капацитет да се справи со евентуални немири.

„Ние имаме контакт и комуникација со пријателските служби така што Министерството за внатрешни работи има капацитет, подготвени сме соодветно да одговориме на задачите“, изјави Котевски.

Во меѓувреме на смиреност и воздржаност од насилство повикуваат и претставниците на меѓународната заедница во земјава.

„Го повторуваме нашиот повик за мирно изразување на ставовите и воздржување од насилство. Никој нема право да наштетува на други луѓе или на туѓа сопственост. Насилството ја подрива легитимноста на целите и ја намалува продуктивноста на напорите насочени кон разрешување на прашањата”, стои во одговорот од Амбасадата на Соединетите Држави во Скопје на барањето на радио Слободна Европа за коментар околу најавените протести и контрапротести.

Портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич вчера изјави дека сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и право да се вклучат во деструктивни или насилни акти, што меѓу другото беше дел од минатонеделната заедничка изјава на САД, ОБСЕ, НАТО и Европската Унија.

Таа ги повика македонските граѓани и политичките лидери во земјата „да се здружат во духот на конструктивен дијалог за решавање на прашањата кои го поткопуваат заемното разбирање и кооперативни меѓуетнички односи“.

Речиси идентична порака испраќа и мисијата на ОБСЕ во земјава.

„Граѓаните имаат право на мирен собир, за да ги демонстрираат и изразат своите различни ставови, но тие мора да го направат тоа мирно, без насилство или деструктивни акти. Искрено се надеваме дека сликата која ја видовме за време на неодамнешните протести нема да се повтори и ги охрабруваме сите граѓани да придонесат за создавање атмосфера на ненасилно искажување на мислењата,“ апелираат од мисијата на ОБСЕ во Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG