Достапни линкови

Нема дијалог Груевски-Заев ни по цена на препораката за преговори


СДСМ инсистира на техничка влада, премиерот Груевски вели дека ако е тоа условот, разговори со Заев нема да има, ниту по цена губење на препораката за преговори.

Нема да го прифатиме условувањето на опозицијата за техничка влада, дури и по цена губење на препораката за преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Не сме подготвени да прифатиме уцена за формирање техничка влада и сè додека тоа е услов на СДСМ за отпочнување на разговорите, такви разговори нема да постојат.
Никола Груевски, премиер.

„Ние како политичка партија во секој момент сме подготвени за разговори за надминување на ситуацијата и за адресирање на сите прашања коишто може да придонесат за развој на државата и за уште поцврста демократија од сегашната, меѓутоа не сме подготвени да прифатиме уцена за формирање техничка влада и сè додека тоа е услов на СДСМ за отпочнување на разговорите, такви разговори нема да постојат“, рече премиерот.

Новинарско прашање: А ако цената биде препораката?

„Да, и ако цената биде препораката, останува истиот одговор“, рече Груевски.

Овој режим, вака поставен, буквално не може никој на светот да го победи на вакви избори какви што знаат тие да организираат. Техничката влада ја бараме како гаранција за сразмерно споделување на одговорноста на сите политички чинители.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Се чини дека во моментов не е на повидок решавање на актуелната политичка криза. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека тие остануваат на барањето за формирање техничка влада и предвремени парламентарни избори.

„Овој режим, вака поставен, буквално не може никој на светот да го победи на вакви избори какви што знаат тие да организираат. Техничката влада ја бараме како гаранција за сразмерно споделување на одговорноста на сите политички чинители во гаранцијата на обезбедување на слободната волја на граѓаните, создавање фер и демократски услови за избори“, рече Заев.

Делегацијата на ад-хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и предвремените парламентарни избори е во посета на Македонија. Тие се среќаваат со премиерот Никола Груевски, со лидерот на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, лидерот на ДПА Мендух Тачи, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, како и со шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ, Александар Николоски.

По средбата, Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара со опозицијата за сè, освен за техничка влада, затоа што владата беше избрана пред десетина дена.

„Според нивното поимање, ова што се случува сега е недозволиво и сметаат, исто како што сметаме и ние, дека треба да се разговара за сите отворени прашања, дека е очигледно дека има прашања за коишто има различни мислења помеѓу власта и опозицијата, тоа е нормално, но никако тоа не смее да се прави надвор од институциите, во случајов од парламентот“, рече Николоски.

Николоски рече дека на средбата заеднички изразиле загриженост дека е возможно Македонија да не добие препорака за почеток на преговорите со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG