Достапни линкови

Измени за независно судство или само козметика?


Уставен суд на Македонија.
Уставен суд на Македонија.

Уставните измени во делот на судството се добри, но ако не се остави судството да си ја врши работата, ништо од промените, велат експертите. Тие додаваат и дека тајмингот на измените е лош со оглед на политичката криза.

Уставните измени поврзани со судскиот совет се добри, сметаат правните експерти, според кои лош е периодот во кој се предлагаат алудирајќи на политичката криза во која во моментов се наоѓа земјата.

Какви промени ние да правиме, ако не се смени менталитетот на власта, на луѓето, дека на земјата и треба независно и непристрасно судство, ништо нема да направиме.
Маргарита Цаца-Николовска, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца- Николовска, вели дека како претставник на невладиниот сектор и тие ги имале истите препораки за подобро и независно судство. Но, таа нагласува дека сепак важно е и сите да сфатат дека е тоа е навистина потребно.

„Какви промени ние да правиме, ако не се смени менталитетот на власта, на луѓето, дека на земјата и треба независно и непристрасно судство, ништо нема да направиме. Треба судството да се остави да може да работи врз основа на закон, на Устав, на меѓународните договори, меѓународните стандарди“, вели Цаца-Николовска.

Имаме ние политичка криза, имаме парламент кој дејствува без опозиција, тој правно може да ги донесе одлуките меѓутоа легитимно секогаш ќе биде оспорувано, дотолку повеќе што се работи за Устав.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Конкретно за предложената измена на Уставот со која ќе дојде до промена на составот на Судскиот совет и со која министерот за правда и претседателот на Врховниот суд нема да бидат членови а ќе се прошири со бројот на судии, таа вели дека одамна се зборувало и за тоа прашање, но смета и дека особено е битен квалитетот и интегритетот на судиите кои ќе бидат членови.

И професорот Осман Кадриу вели дека оваа измена е стара идеја на меѓународниот фактор која треба да придонесе за намалување на политичкото влијание. Според него уставните измени се потребни па дури оди и понатаму и додава дека на Македонија може и е потребен и нов Устав бидејќи постоечкиот бил менуван повеќе од 30 пати. Но за него е спорен моментот кога се предлагаат овие уставни измени.

„Имаме ние политичка криза, имаме парламент кој дејствува без опозиција, тој правно може да ги донесе одлуките меѓутоа легитимно секогаш ќе биде оспорувано, дотолку повеќе што се работи за Устав.“

За предлогот за воведување на институтот уставна жалба пак и двајцата соговорници сметаат дека е добар и нагласуваат дека Македонија е единствена земја во регионот која нема таква форма.

Меѓу осумте уставни измени што Груевски ги презентираше викендов три се директно поврзани со судската власт, односно промената на составот на судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките и воведување на институтот Уставна жалба. Додека за овие предлози правниците имаат доста позитивно гледање, критики стигна за предложените измени во економскиот дел и за дефинирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG