Достапни линкови

Почнува Светскиот фудбалски карневал


Светскиот куп е своевидна надеж за Бразил, земја која е луда за фудбал, да ги обедини Бразилците по хаотичните седум години подготовки проследени со насилни протести. Едномесечниот спектакл на кој учествуваат 32 земји почнува во преполнетиот мега град Сао Паоло каде што Бразил игра против Хрватска.

По години апатија и притаено незадоволство поради рекордните трошоци за Светскиот куп од над 11 милијарди долари, Бразилците ги зафати фудбалска треска. Селекторот на домашната репрезентација Луиз Фелипе Сколари побара од сонародниците да се обединат во желбата на неговите фудбалери уште еднаш да ја напишат фудбалската историја.


„На сите Бразилци сакам да им кажам дека дојде времето. Ова е наш Светски куп. Имаме седум натпревари до бесмртноста“, изјави популарниот Сколари, кој во 2002 година ја доведе бразилската репрезентација до петата светска титула.

Фудбалската треска е насекаде
На сите Бразилци сакам да им кажам дека дојде времето. Ова е наш Светски куп. Имаме седум натпревари до бесмртноста.
Луиз Фелипе Сколари, селектор на репрезентацијата на Бразил.


Познатата статуа на Христос Спасителот над Рио де Жанеиро е осветлена со боите на сите земји кои учествуваат, додека бразилските знамиња ги има насекаде, на автомобили, домови, продавници.

Фудбалски фанови пристигнуваат од сите страни на светот, а на отворењето ќе има над десетина шефови на држави, како и многу познати од светот на филмот и музиката.

„Само чекајте додека Бразил почне да победува. Тогаш ќе видите народ на улиците“, вели Рогерио Соуза, од Сао Паоло, кој сепак стравува: Знаете, Бразилците бројат само титули. Никој не сака второ место. Ако не го освојат Купот дома, тогаш ќе видите уште поголемо незадоволство.“

И покрај тоа што повеќето Бразилци можат да се видат со жолти дресови со бројот на нивната фудбалска ѕвезда Нејмар, незадоволството во таа земја расте. За време на турнирот најавени се повеќе протести во некои од 12 градови каде што ќе се играат мечевите.

„Ние сме Бразилци и продолжуваме да живееме за Бразил, но наша должност е да се бориме за првата на работниците“, вели синдикалниот лидер Руи Песоса.

За безбедноста на Светкиот куп се ангажирани над 150 илјади војници и полицајци, како и 20 илјади приватни безбедносни сили.


Претседателката на Бразил Дилма Русеф предупреди дека нема да биде толерирано никакво повторување на протестите за време на одржувањето на минатогодишниот фудбалски Куп на конфередациите.

Таа додаде дека нејзината земја со раширени раце ги пречекува најавените над 600 илјади странски фудбалски фанови за да ги следат натпреварите.

Како и да е, во наредните триесетина дена најдобрите 32 репрезентации ќе се борат во надеж дека ќе го освојат тронот на најважниот спортски настан во светот.

Според букмејкерите, тоа би требало да биде Бразил. Ако успее тоа ќе биде по шестти пат.

Титулата ја брани Шпанија која исто така се обидува да влезе во историјата, но како прва европска репрезентација која победува на еден Светски куп во Јужна Америка.

Само седум држави досега го имаат освоено трофејот и сите се од Европа или од Јужна Америка. За прв пат на светските првенства годинава учествува Босна и Херцеговина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG