Достапни линкови

САД се заканија со засилени санкции спрема Русија


САД ја обвинија Русија дека не се придржува до обврските преземени со женевскиот договор за Украина. Ако Москва продолжи во истиот правец, Вашингтон најави засилување на санкциите. Рускиот министер Сергеј Лавров одговори дека договорот од Женева ќе биде имплементиран со практични чекори во блиска иднина.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Русија не се придржува до последниот договор од Женева, наменет за деескалација на кризата во Украина. Говорејќи вчера во Јапонија, Обама рече дека барем досега, Москва не презела мерки за спроведување на договорот. Тој додаде дека ако Русија не ги исполни условите од договорот, САД ќе ги засилуваат санкциите.
Доколку уште еднаш Русија не се однесува според договореното од Женева, ние ќе преземеме натамошни санкции.
Барак Обама, претседател на САД.


„Јас очекувам дека, доколку уште еднаш Русија не се однесува според договореното од Женева, ние ќе преземеме натамошни санкции“, рече Обама.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска одговори дека договорот од Женева ќе биде имплементиран со практични чекори во блиска иднина.

Москва поради неспроведување на обврските од договорот што беше постигнат минатата недела во Женева за стивнување на конфликтот во Украина ја критикуваше и американскиот амбасадор во ОБСЕ Даниел Баер. Тој вчера во Брисел изјави:
Имаме ли некакви индикации дека Русија ќе се однесува позитивно кон обврските што ги презеде само пред неколку дена? Не.
Даниел Баер, американски амбасадор во ОБСЕ.


„Имаме ли некакви индикации дека Русија ќе се однесува позитивно кон обврските што ги презеде само пред неколку дена? Не. Јас досега немам видено такви сигнали од Москва“, рече Баер.

Тој порача дека Русија мора конструктивно да се ангажира во имплемантацијата на женевскиот договор. Досега не може да се види тоа, рече тој. Баер додаде дека спроведувањето, кое вклучува разоружување на нелегалните формации, треба да трае со денови, а не со недели.

Тој ја повика Москва да соработува со посматрачката мисија на ОБСЕ која го надгледува договорот, како и да испрати висок дипломат да му помогне на ОБСЕ да ги убеди проруските милитантни формации во источна Украина да ги напуштат окупираните јавни згради.

На 18 април, Украина, Русија, САД и ЕУ постигнаа договор според кој илегалните вооружени групи ќе се разоружаат и јавните згради ќе бидат напуштени.

Освен тоа, Киев ќе понуди амнестија за демонстрантите кои ќе го предадат нивното оружје и ќе ги напуштат јавните објекти.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG