Достапни линкови

Груевски задоволен, Заев обвинува за изборна кражба


За Груевски, победата на Иванов во првиот круг е недвосмислено изразена волја на граѓаните, Заев обвини за системска кражба на гласови.

Во штабот на кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов победата со речиси 120 илјади гласови разлика пред кандидатот на опозицијата, Стево Пендаровски ја нарекоа недвосмислено изразена волја на граѓаните и најава за победа, не само на претседателските, туку и на парламентарните избори.
Ова е недвосмислено изразена волја на граѓаните која јасно покажува какви вредности поддржуваат.
Никола Груевски, премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска Македонија покажа дека има разлика и дека нашиот народ точно ја препознава таа разлика. Ова е недвосмислено изразена волја на граѓаните која јасно покажува какви вредности поддржуваат“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера резултатот го нарече неочекуван и несоодветен на волјата и расположението на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ исплашени од губењето на власта преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните.
Зоран Заев, лидер на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ исплашени од губењето на власта преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните. Крајниот резултат е нов удар врз кревката демократија во Македонија“, изјави Заев.

Но, борбата не е завршена порача кандидатот на СДСМ, Пендаровски, оценувајќи го исходот од гласањето како резултат на систематски притисок, закани и уцени од страна на власта.

Сè уште не се добиени извештаите од гласањето на поодделните избирачки места, рокот за поднесување приговори до ДИК трае 48 часа и сè уште не може да се знаат детали за тоа како ќе постапи најголемата опозициска партија СДСМ по пресметаните резултати од првиот круг од претседателските избори, рекоа денеска од оваа партија.

Од штабот на кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски засега се информациите дека нема да достават приговори на гласањето до Државната изборна комисија. Лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски оцени дека негативна дамка на изборите се големиот број неважечки ливчиња. Претседателскиот кандидат Поповски порача дека ГРОМ преку овие избори покажа дека е играч на политичката сцена и продолжува понатаму.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи изјави дека е задоволен од постигнатиот резултат на нивниот претседателски кандидат, очекувајќи, како што рече, дека тоа ќе се преточи во 13 и 14 пратеници на парламентарните избори. Тој ја коментираше и „нула излезноста“ на гласањето во некои гласачки места која што како што рече не е ништо друго освен диктатура. Тој што и аплаудира на диктатурата, таа после ќе му тргне кон неговата глава, изјави Тачи.
XS
SM
MD
LG