Достапни линкови

Странските новински агенции за изборите


Во јавувањата на странските новински агенции за денешните претседателски избори во Македонија главно се посочува дека тие се главен тест на политичките партии пред вонредните парламентрани избори по две недели. Тогаш треба да се одржи и вториот круг од претседателските избори.

Ројтерс: избори за втор круг

Македонците денеска гласаат за нов претседател. Гласањето главно е во сенка на претстојните парламентарни избори во малата балканска држава што треба да се одржат за две недели. Денеска, како што јавува Ројтерс, не се очекува да биде избран и нов претседател. Кандидатот за да победи мора да добие над 50 насто од сите регистрирани гласачи, цел што беше постигната само еднаш откако Македонија во 1991 година стана независна држава.


Асошитед прес: важноста на церемонијалната функција

Во Македонија скоро милион и 800 илјади граѓани со право на глас денеска избираат претседател. Асошитед прес наведува дека и покрај тоа што претседателот се избира со директно гласање, неговата функција е главно церемонијална. Сепак, како што се наведува, денешните избори се тест за да се види каква е силата на партиите кои по две недели ќе ги одмерат силите и на парламентарни избори. „Земјата која е нешто поголема од државата Вермонт по стекнувањето независност се уште се бори да го најде своето место на меѓународната сцена. Проблемот е противењето на Грција за нејзиното име“, пишува Асошитед прес.
И покрај тоа што претседателот се избира со директно гласање, неговата функција е главно церемонијална. Сепак, денешните избори се тест за да се види каква е силата на партиите кои по две недели ќе ги одмерат силите и на парламентарни избори.

ДПА: гласање без сигурен победник

Македонците гласаат за нов претседател но, според очекувањата, ќе има и втор круг, бидејќи ниту еден од четворицата кандидати не ќе можат да соберат над 50 насто од гласовите од сите регистрирани избирачи. Германската новинска агенција ДПА потсетува дека изборите во Македонија во минатото биле нарушувани со извесни насилства и наводи за манипулации при гласањето. Македонија сака да стане членка на НАТО и на Европската унија која во 2005 година и даде кандиатски статус на оваа балканска земја. Меѓутоа, досега нема почеток на преговорите.

Бета: петти претседателски избори

Во Македонија се одржуваат петтите претседателски избори откако земјата стекна независност во 1991 година, јавува српската новинска агенција Бета, наведувајќи дека во трката учествуваат четворица кандидати. Агенцијата потсетува дека изборите ги следат над 8.320 домашни и 326 странски посматрачи. Првите неофицијални резултати се очекуваат денеска пред полноќ, а Централната изборна комисија би требало резултатите да ги соопшти 24 часа по затворањето на избирачките места.

Франс прес: претседателски тест за партиите

Денешното гласање на претседателските избори во Македонија е своевиден тест за партиите пред изборите за парламентот што ќе се одржат по две недели. Изборите за оваа пред се церемонијална функција се под знакот на тешката економска ситуација и на спорот со Грција околу името. Во земјата со околу два милиона луѓе, секој четврти е без работа, пишува, меѓу другото, агенцијата Франс прес.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG