Достапни линкови

Цивил: Појава на двојни лични карти


Набљудувачите од невладината организација Цивил во досегашниот тек на предизборната кампања меѓу другото забележале предвремен старт на кампањите и злоупотреба на јавните ресурси во партиски цели.

Низа нерегуларности констатирала невладината Цивил за време на кампањата за претседателските и предвремените парламентарни избори. Претседателот на Цивил, Џабир Дерала вели дека дел од нивните наоди се совпаѓаат со оние периодичниот извештај на мисијата на ОДИХР. Пред сè, според него, забележале предвремено започнување на кампањите и злоупотреба на јавните ресурси во партиски цели. Според него, нема дистинкција меѓу двете кампањи.
Постапките се можеби во рамките на легалното, но се поставува прашањето колку постапките и процесите кои ги гледаме се легитимни.
Џабир Дерала, НВО Цивил.

„Општа е оценката, ние сме го кажале тоа и многу пати порано, дека во многу општи сегменти во општеството, се забележува континуирана, неуморна, агресивна предизборна кампања, далеку пред воопшто да се знае дека ќе се одржат избори во Македонија. Општа е исто така оценката дека постапките се можеби во рамките на легалното, но се поставува прашањето колку постапките и процесите кои ги гледаме се легитимни“, вели тој.

Дерала вели дека загрижуваат и изборни вработувања, како и градежните активности.

„Во низа општини се забележуваат градежни работи пред почетокот, тоа што е во рамките на изборниот законик дозволено, меѓутоа се сомневаме дека сето тоа е ставено во изборен контекст, така што не сме сигурни дека тоа е навистина легално, односно во согласност со стандардите“, вели тој.

Според Дерала, постојат и сомнежи за постоење на двојни лични карти.

„Една информација која синоќа дојде до Цивил зборува за тоа дека во една општина во Скопје има повеќе влезови во една зграда, има непостоечки имиња, непостоечки станови и непостоечки катови на згради, ова е нешто со кое ДИК мора да се позанимава час поскоро, барем нешто да санира од овие сериозни забелешки, односно проблеми до почетокот на изборите“, вели Дерала.

Следниот извештај Цивил ќе го објави на самиот ден на изборите, при што со информации ќе излегуваат на секои два часа, а ќе имаат и прес центар.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG