Достапни линкови

Андреј Ал-Асади – Поет бунтовник и блузер


„Midnight Blues“ е насловена деби збирката песни на младиот Андреј Ал-Асади што неодамна се појави како издание на книгоиздателството „Антолог“ од Скопје. Станува збор за објава која блика од љубов, страст, спонтаност и слобода својствени за човек на негова возраст кој израснал на поетиката на американските битници и го свири и живее блузот.

Низ стиховите на Андреј Ал-Асади пулсира една свежина, младешка енергија, радосно чувствување дека „целиот свет е твој“, но и суптилна „храброст“ да се соочи со предизвиците, со болката, со страдањето и со загубата како составен дел од нашето малечко постоење. Лирскиот субјект е восхитен и екстатичен, љубопитен и копнежлив, но очигледно го мачат и дилемите за тоа како да се дојде до идеалот за убавината, совршенството, музичката хармонија...
Во самата нивна поезија има и бунтовност, повик за еднаквост, слобода на говор. Ги отвораат табу темите како што се хомосексуалност, дрога итн.
Андреј Ал-Асади, поет и музичар.

Ова ќе го запише рецензентката Лидија Капушевска – Дракулевска во својот текст, насловен како „Воин за космички баланс“, а посветен на стихозбирката на Андреј Ал-Асади - „Midnight Blues“. Станува збор за 15 книга од библиотеката „Огнови“ на книгоиздателството „Антолог“ од Скопје и за објава со која овој средношколец гордо исчекорува на домашната поетска сцена.

За себе тој знае да каже дека инспирација за творештво наоѓа во сето она што го опкружува и притоа верно го следи геслото на големиот Коневски дека единствено што го влече кон пишувањето поезија е читањето поезија. Негови најомилени и поети што најмногу ги почитува, творци кои што влијаат на неговото творештво, како што вели, се современите американски автори – припадниците на бит-генерацијата.
Блузот што го свирам, музиката воопшто ми е начин за да ги искажам своите чувства. Исто како и поезијата.
Андреј Ал-Асади, поет и музичар.

„Најмногу кај нив ми се допаѓа тоа што тие ги разбиваат бариерите на класичното пишување на поезија. Во самата нивна поезија има и бунтовност, повик за еднаквост, слобода на говор. Ги отвораат табу темите како што се хомосексуалност, дрога итн. Ме интересира самата тематика на нивното пишување – творештвото на Ален Гинзберг, Џек Керуак, Вилијам Бароуз“, вели тој.

Андреј дополнува дека, како и кај секој млад автор, нивното влијание било најприсутно на самиот почеток од творештвото.

„Како и кај секој млад уметник кога започнува да се бави со уметност и кај мене на почетокот се чувствуваше влијанието од моите идоли, но со време започнав да развивам и свој уникатен и препознатлив стил“, вели авторот.

Роден на 7 февруари 1996 година во Лондон, велика Британија, Андреј Ал-Асади подоцна со своите родители се враќа во Македонија каде што го завршува основното образование (ОУ „Ѓорѓија Пулевски“), а сега е ученик во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

Стихозбирката „Midnight Blues“ го добива името поради љубовта кон музиката, а особено кон блузот кој бил негова редовна звучна лектира од најраното детство. Патем, тој е посветен на музиката исто колку и на поезијата, член е на неколку локални бендови, а почнал да пишува инспириран од композициите на легендарните мајстори што постојано ги слушал.

„Блузот што го свирам, музиката воопшто ми е начин за да ги искажам своите чувства. Исто како и поезијата. Најпрво имав еден блуз-рок бенд со свои авторски песни, се викавме Д САЈД ЕФЕКТС, а сега сум во друг состав Д СВИНГЕРС каде што свириме блуз и рок“, вели тој.

Разбирливо и промоцијата на книгата што се одржа минатата недела во МКЦ беше обоена од звуците на блузот за што се погрижија Ал-Асади и неговите музички собеседници, а интересно е и тоа што младиот поет веќе работи и на својата втора поетска објава од која дел од песните што ги напиша за неа деновиве беа публикувани во најновиот број на списанието „Современост“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG