Достапни линкови

Кампањата во полн ек уште пред да почне


Претседателот Ѓорге Иванов на средба со граѓани на Ресен.
Претседателот Ѓорге Иванов на средба со граѓани на Ресен.

Македонија од почетокот на годинава е зафатена од изборниот ураган, кој по распишувањето предвремени парламентарни избори добива сè повеќе на интензитет.

Митинзи, средби со граѓани, политичка платена и неплатена телевизиска програма, пропаганда на вести, интернет кампања, средби во штабови, молби од комшии да ве стават на список на гласачи за партија. Ова се само дел од начините со кои политичарите во следниов месец ќе го бараат вашиот глас во трката на парламентарните и претседателските избори. Македонија од почетокот на годинава е зафатена од изборниот ураган, кој по прифаќањето на пратениците на барењето на ДУИ за самораспуштање на пратеничкиот состав добива сè повеќе на интензитет.
Само директно соочување со граѓанинот, правење муабет, сè друго е фарса.
Анкетиран граѓанин.

Во партиските штабови се прават последните подготовки пред официјалниот почеток на кампањата за претседателските избори - в понеделник, на 24 март. Но, на терен веќе се работи.

Немам коментар поради тоа што веќе немам доверба во никого, без разлика на политичката партија, едноставно никому не верувам.
Анкетиран граѓанин.
Политичката кампања, иако официјално не e стартувана, сепак во изминативе десетина дена се одвива во секое село или град. Четворицата претседателски кандидати ја започнаа својата турнеја низ земјава, се рашетаа по ридови и долини, се среќаваат и ракуваат со „случајните“ минувачи пред кооперација или на сред село и пред камерите со нив разговараат за суштински теми од национален интерес, како што е спорот за името или, пак, меѓународната позиција на Македонија. Додека голтаат леб или локум послужен од млада девојка во народна носија, претседателските кандидати ги посетија сите сeла, дури и оние за кои на шега се вели дека ги нема ни на географска карта.

Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски ќе ги промовираат оние лични позитивни вредности и она за што ќе се залагаат доколку бидат избрани, така што тука се очекува и медиумска кампања, доста движење на терен меѓу граѓани, но пред сè со позитивни пораки, додека во парламентарната кампања очекувам партиите да одат и малку понегативно една на друга.
Никола Спасов, политички аналитичар.
Жителите на Мислешево, Делчево, Пехчево, Новаци и Могила одвоија од своето време, ги оставија настрана секојдневните проблеми за да поразговараат со претседателски кандидат за, како што јавуваат мнозинството од македонските медиуми, нивното задоволство од осовременувањето на нивните населени места. Само за 8 дена, претседателот Ѓорге Иванов во трката за втор мандат посетил 22 општини, односно речиси една третина од Македонија.

Неговиот противкандидат Стево Пендаровски, пак, предизборната трка ја стартуваше на интернет, одговарајќи на прашања на социјалните мрежи и на средби со дипломати.
Илијаз Халими, претседателски кандидат на ДПА.
Илијаз Халими, претседателски кандидат на ДПА.

Во предизборната кампања не доцнат ниту останатите двајца кандидати Илијаз Халими и Зоран Поповски. Како што поминува времето и со почетокот на официјалната кампањата в понеделник за претседателските избори се очекува посетите на кандидатите низ сите населени места да биде со стегнат распоред, па граѓаните ќе треба да им закажуваат термин за средба на кандидатите
.
Ако на ова се додадат и „преткампањите“ на политичките партии за предвремените парламентарни избори, разни отчети, предавања и делење програми, тогаш на македонскиот граѓанин му претстои период на „масовно политичко труење“.
Просто е чудно колку се толерантни граѓаните и колку кај нас забораваат на ветувањата и како и нив да ги фаќа некоја предизборна треска и забораваат што им било ветено.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

Дел до граѓаните велат дека ќе им биде чест ако се сретнат со политичарите, дека директниот контакт во изборната кампања им значи многу затоа што така најдобро ќе ја примат пораката што сака политичарот да ја испрати до гласачот.

„Само директно соочување со граѓанинот, правење муабет, сè друго е фарса. Сум за тоа кај што има непристапни места, кај што граѓаните не можам да се симнат долу во град, тогаш доколку има услови да се оди преку интернет или преку мобилни телефони итн.“

„Дали секој може да се вклучи на интернет, дали има компјутер, дали има можност, а вака со средби, со митинзи и лично контактира со граѓаните, со средби“, велат анкетираните.
Ние официјално не сме во кампања, но неофицијално сме во кампања години наназад. Партијата на власт е постојано во некаква кампања.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

Но, дел велат дека не им е важно како политичарите ќе ја објават својата програма, дали тоа ќе биде на митинзи, средби со граѓани или, пак, преку интернет комуникација, зашто што и да кажат тоа ќе биде лага. Дел од младите дури и бараат политичарите да го ослободат просторот што го зафаќаат на социјалните мрежи, тврдејќи дека тие водат нападна кампања, а интернетот е единствено место што им нуди малку мир.

„Немам коментар поради тоа што веќе немам доверба во никого, без разлика на политичката партија, едноставно никому не верувам. Ние младите немаме живот, ништо не сме виделе, сега само народот да се скара меѓу себе, а на крај ништо не добива, затоа немам коментар.“

„Току не сум заинтересирана за политика и мислам дека што и да направат ќе биде контрапродуктивно, барем кај групата луѓе со којашто јас комуницирам. Ова митинзиве дефинитивно не се начин, а интернетот веќе го имаат окупирано“, велат дел од младите што ги анкетиравме.

Додека партиите ги составуваат пратеничките листи и бираат кој ќе биде носител, граѓаните велат дека е важно што ќе понудат партиите, но важно е и кои луѓе ќе се најдат на листите. Анкетираните граѓани сакаат во парламентот да видат нови лица, но сепак има и некои од стариот состав што биле добри.

„Паметен човек само по сопствено наоѓање може да гласа.“

„Старите може да останат, подобри се.“

„Тие партиски се спротивставуваат едни со други таму, меѓутоа државата нема никакво фајде од тоа“, велат анкетираните скопјани.

Кои ќе бидат нивните главни теми со кои ќе се обидат да ги придобијат гласачите, претставниците на партиите велат дека ќе се откриваат во текот на кампањата. Тие не откриваат ниту како ќе ја спроведуваат кампањата. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не ги откриваат засега целосно агендите на нивните кандидати, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, чии кампањи се очекува да доминираат во ова предизборие, во кое како претенденти за претседателската функција учествуваат и Илијаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ. Според првичните информации, Иванов и Пендаровски ќе ги испратат првите пораки до гласачите од Охрид и од главниот град.

Владејачката партија ги стартува традиционално своите изборни кампањи од Охрид, од каде што доаѓаат неформални информации дека веќе се подготвува првиот митинг за промоција на Иванов, на градскиот плоштад, на 24 март. Пендаровски, пак, како што најавуваат од СДСМ, ќе биде промовиран како опозициски кандидат на конвенција во Скопје, но не се открива на која точно локација. Од СДСМ неофицијално велат единствено дека за ова предизборие планираат поразлична кампања од досегашните, што значи и помалку митинзи, така што акцентот би бил ставен на непосредна комуникација со граѓаните и на интензивно присуство на социјалните мрежи.

Основачот на Агенцијата за испитување на јавното мислење и стратегиски комуникации Рејтинг, Никола Спасов, вели дека очекува да се одвиваат паралелни кампањи, претседателската кампања ќе биде со позитивни пораки, додека, пак, парламентарната ќе биде во поголема мера негативна.

„Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски ќе ги промовираат оние лични позитивни вредности и она за што ќе се залагаат доколку бидат избрани, така што тука се очекува и медиумска кампања, доста движење на терен меѓу граѓани, но пред сè со позитивни пораки, додека во парламентарната кампања очекувам партиите да одат и малку понегативно една на друга, мислам дека тоа и го започнаа во овој предизборен период“, вели Спасов.

Во однос на презентирањето на политичарите, Спасов вели дека личниот контакт на пратениците и претседателскиот кандидат со граѓаните создава највисоко ниво на доверба кај гласачите.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, кој има и пратеничко искуство, вели дека за време на избори сите се „збунети“, и политичарите и граѓаните, едните ветуваат сè и сешто, другите им веруваат, а по избори ги фаќа масовна амнезија.

„Просто е чудно колку се толерантни граѓаните и колку кај нас забораваат на ветувањата и како и нив да ги фаќа некоја предизборна треска и забораваат што им било ветено и по сè изгледа дека пак гласаат по некоја инерција на кампањата, новите ветувања, а тука има и нечисти игри, форми и методи“, вели Рамадани.

Спасов смета дека оваа година голем дел од партиските буџети за рекламирање ќе бидат наменети за социјалните медиуми и на интернет. Податокот дека во Македонија има вкупно еден милион Фејсбук профили од кои само 650 илјади се на полнолетни граѓани, односно потенцијални гласачи, ја прави оваа мрежа најголем медиум во земјава.

„Веќе почнаа самите политичари да го користат интернетот и пред сè социјалните медиуми за нивна промоција, така што втора алатка којашто ќе биде многу битна е секако интернетот. Мислам дека ќе се оди и традиционално со митинзи, иако верувам дека во помал број и ќе бидат помалку застапени во однос на порано. Се сеќавате дека порано митинзите беа речиси единствена алатка за промовирање на политиките, но веќе сега мислам дека нема да бидат главниот начин на промовирање, туку ќе се оди со понетрадиционални начини“, вели Спасов.

Во комуникациите постои едно златно правило дека содржината на пораката мора да се адаптира на оној на кој му е наменета, но и на спецификите на медиумот преку кој таа се пренесува. Со други зборови, една иста порака не може на ист начин да се пренесува на различен вид медиуми. Она што функционира на т.н. традиционални медиуми, не мора, и најчесто не функционира на социјалните мрежи. Социјалните медиуми, заради нивните специфики, бараат од оној што сака да комуницира преку нив, да понуди многу повеќе отколку само емитување на својата порака (постер, видео спот, слоган…). Корисниците на социјалните мрежи (а во тие рамки и гласачите) очекуваат дијалог, одговори на нивните прашања, очекуваат размена на мислења и тоа на прифатлив начин за нив, односно на јазикот кои тие го разбираат, а кој може да се разликува од јазикот кој вообичаено го користат политичарите. Спасов предупредува дека не секогаш луѓето кои што поддржуваат некаква кауза или, пак, политичка партија на интернет, навистина ќе излезат од дома за да гласаат за истата.

„Многу граѓани може да бидат фанови на одредена страна на политичар, може да ги следат неговите постови, меѓутоа тоа воопшто не гарантира дека тие ќе излезат на гласање. Значи дека доколку некоја партија сака агресивно да ги промовира своите ставови на интернет и притоа тие да ги валоризира во гласови, тогаш мислам дека е потребно да се најде и модел преку кој дополнително ќе се повикуваат фановите на Фејсбук или на интернет страните да излезат и на гласање, односно на некој начин да се извадат на гласачките места“, вели Спасов.

Иако е предвиден законски рок за водење кампања, кандидатите за претседател не губат време. Тие веќе се во интензивна комуникација со граѓаните од сите структури, етнички и професионални, низ сите краеви од земјава, помали и поголеми. Ваквите активности не се забранети во смисла на државнички или на партиски, но се нова практика која ја наметна владејачката партија да се биде во постојана кампања, посочуваат експертите. Очигледно е дека претседателските кандидати сакаат да создадат што поцврста слика кај граѓаните дека се грижат за нивните интереси и дека тоа ќе продолжат да го прават и по нивниот евентуален избор, а од друга страна политичките елити веќе согледуваат што е тоа што најмногу делува кај граѓаните, анализира професор Никола Дујоски.

„Ние официјално не сме во кампања, но неофицијално сме во кампања години наназад. Партијата на власт е постојано во некаква кампања. Сега за претседателските избори гледаме дека сите кандидати се движат блиску до законот, ајде да речеме дека не го кршат законот, никаде не е забрането тие да одат, особено претседателот Иванов, не во смисла на кампања, но посредно на граѓаните им кажува дека сака уште еден мандат. Истото го прави и другиот кандидат, односно сите четворица кандидати, само за еден можеби не чув дека бил некаде и нешто правел, но тоа не е забрането“, вели тој.

Причината за пораното почнување на изборната кампања е едноставна, вели Дујовски.

„Тие сакаат да создадат слика кај јавноста дека се грижат многу повеќе во оние денови на кампања, што, пак, асоцира дека ќе се грижат за граѓаните и потоа, после изборите, што некако остава простор за широка дискусија“, вели Дујоски.

Спроведувањето на предкампања е заедничко за земјите од Балканот, слична ситуација со македонската имаше и во Србија каде што политичарите стартуваа со неофицијална кампања само што дознаа дека ќе има избори. Ништо поразлично не беше и во Хрватска, објаснува Дујовски.

„Во земјите во регионот е така, тоа е една нова политика, нова генерација, додека во ЕУ е сосема поразлично, таму се многу ограничени процедурите, како може претседател или претседател на влада да посетува, да присуствува на настани итн., пред кампањата. Сето тоа будно се следи од новинарите, а кај нас дури и вашата фела остава на случајности, да течат активностите така како што течат“, вели Дујоски.

Претстојната претседателска кампања се очекува да биде различна од досегашните поради нејзиното испреплетување со кампањата за вонредните парламентарни избори, која почнува на 5 април. Тоа значи седум дена паралелно претставување на кандидатите за шеф на државата и за пратеници во законодавниот дом пред првиот изборен круг на 13 април, по што следуваат два дена молк и потоа уште 12 дена истовремени кампањи пред изборното финале на 27 април.

Аналитичарите велат дека претседателските кандидати ќе бидат најекспонирани фигури на политичката сцена до крајот на овој месец носејќи ја позитивната кампања на своите плеќи. Тие на тоа место ќе се одржат до доставувањето на пратеничките листи до ДИК, за што рокот истекува на 29 март, затоа што партиите сега се преокупирани со распоредување на кандидатурите. Потоа, паралелно со претседателската, почнува и битката за премиерската функција, односно за мнозинство во парламентот, така што останува да се види дали и како ќе бидат разграничени кампањите за двата изборни циклуси. Но, негативната кампања која ја водат меѓусебно партиите е веќе стартувана. Партиите од македонскиот и албанскиот блок јавно излегуваат со ставови само за афери за кои институциите немаат слух. Политичките партии секојдневно излегуваат со прес-конференции на кои соопштуваат информации за наводни корупциски или криминални дејанија на политичарите и функционерите, се објаснуваат и како го стекнале имотот за кој според закон треба редовно и уредно да го пријавуваат во комисијата за спречување на корупција. Но, во отсуство на акција од надлежните институции на граѓаните им останува да бидат неми и пасивни набљудувачи на политичката игра. Изборот за граѓаните во овој период ќе биде или политичка програма и пропаганда или, пак, турски и индиски серии проследени со малку спорт. Кога сме кај телевизиската програма, сè уште е неизвесно дали во ова претседателско предизборие ќе се реализира ТВ-соочување меѓу кандидатите или дуел пред вториот изборен круг, каков што имаше за последен пат на претходните претседателски избори во 2009 година.

Овие предвремени парламентарни избори се трети по ред предвремени избори распишани од иста власт. Првите предвремени избори премиерот Никола Груевски ги распиша пролетта 2008 година, вторите предвремени се одржаа во 2011 година.

Неколку агенции за испитување на јавното мислење веќе излегоа со свои предвидувања за резултатите од изборите. Во зависност од тоа кон која страна тежнее институтот што ги врши анкетите, резултатите се движат од власта неприкосновено води, до опозицијата го презема кормилото, но во едно се поклопуваат, за бројот на неопределени гласачи. Иако македонското општество важи за партизирано и биполаризирно, со години овој број изнесува околу 30 отсто од гласачкото тело.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG