Достапни линкови

Украина, пред револуција или граѓанска војна?


Примирјето што синоќа го понуди украинската влада беше исмеано од антивладините демонстрантите во Киев. Тие одговорија со повиците „револуција“. Најрадикалните на барикадите пак, предупредија дека, доколку не бидат прифатени нивните барања, владата ќе се соочи со герилска војна.

Откако украинските проевропски протести прераснаа во отворен судир меѓу демонстрантите и полицијата и ги однесоа првите човечки жртви, вниманието е фокусирано врз крајно десничарската младинска организација „Правиј сектор“.

За многумина токму оваа група е виновна за радикализацијата на протестите, бидејќи нејзините членови беа во првите редови на крвавите пресметки со полицијата во изминативе денови.

Координаторот на „Правиј сектор“ Андреј Тарасенко предупреди на граѓанска војна доколку полицијата продолжи да употребива сила.

„Ако тие напаѓаат и со сила и на крвав начин сакаат да не истераат, тогаш ќе има масакар. Во Украина ќе почне граѓанска војна.“

„Правиј сектор“ беше формиран во првите денови на протестити до кои дојде откако претседателот Виктор Јанукович во ноември одби да го потпише договорот за поблсики односи со Европската унија.

Тарасенко вели дека целта на организацијата е да ја собори владата, а претседателот Виктор Јанукович да ја напушти земјата.
Ако тие напаѓаат и со сила и на крвав начин сакаат да не истераат, тогаш ќе има масакар. Во Украина ќе почне граѓанска војна.

За разлика од другите опозициски лидери, Тарасенко цврсто одбива да преговора со украинската влада и ги повика симпатизерите да се подготвуваат на натамошни пресметки.

„Властите ги користат сите можни методи против народот. Зошто не би требало луѓето да бидат во можност да се бранат со палки?“, вели Игор Мазор, член на „Правиј сектор“. Повеќето Украинци со разочарување гледаат како мирните протести ескалираа во жестоки улични борби.

„Што друго кога двомесечните демонстрации не вродија плод“, вели Тарасенко, додавајќи:

„Јанукович мора да си поднесе оставка. Луѓето се подготвени да сторат се за да се случи тоа. Не зборувам само за „Правиј сектор“. Зборувам за Украина.“

Другите тројца опозициски лидери, меѓу нив и поранешниот светски боксерски шампион Виталиј Кличко, го обвинуваат режимот на Јанукович за крвопролевањето во Киев.

Меѓутоа, премиерот Микола Азаров вината ја префрла врз радикалните демонстранти нарекувајќи ги терористи и криминалци.

„Според мое мислење, се што се случува во моментов може да се објасни како дел од намерата за државен удар во Украина.“

Азаров додава дека освен во Киев и некои западни делови, во останатиот дел на земјата ситуацијата била мирна.

И додека претседателот Јанукович на седница на парламентот каде што неговата партија има мнозинство сака да се решава кризата, некои стравуваат дека е можна натамошна ескалација на насилствата.

„Во очите на тие луѓе нема страв. Тешко дека некој ќе може да ги истера“, вели експертот Тарас Березовец.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG