Достапни линкови

Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Киев


Украинската полиција почна да ги отстранува барикадите на антивладните демонстранти во Киев. Притоа дошло и до судири во кои имало убиени демонстранти. Претходно властите најавија дека ќе употребат сила ако провокатерите не престанат да предизвикуваат нереди.

Украинската полиција денеска почнала да се пробива преку барикадите подигнати од антивладните демонстранти во Киев. Притоа дошло и до нови судири.
Одговорноста најмногу ја сносат оние лидери на опозициските партии кои ја креираа ваквата ситуација.
Микола Азаров, премиер на Украина.

Активисти јавуваат дека еден демонстрант бил убиен од полицијата. Засега нема потврда за веста.

Претходно, украинскиот премиер Микола Азаров изјави дека полицијата ќе употреби сила против демонстрантите во Киев доколку провокаторите не ги запрат нивните активности.

Говорејќи за руската телевизиска станица „Росија 24“, тој ја обвини опозицијата за судирите меѓу демонстрантите и полицијата.
Доколку провокаторите не запрат, владата ќе нема друг избор, освен да употреби сила според законот со цел да го заштити народот од таков вид сценарио.
Микола Азаров, премиер на Украина.

„Одговорноста најмногу ја сносат оние лидери на опозициските партии кои ја креираа ваквата ситуација. Во наредниве денови тие треба да решат дали и натаму ќе ги поддржуваат екстремистите и провокаторите. Ако не, тогаш ќе мораат заедно со владата да ги тргнат од улиците на Киев“, изјави Азаров кој негираше дека владата планира да прогласи вонредна состојба.

„Доколку провокаторите не запрат, владата ќе нема друг избор, освен да употреби сила според законот со цел да го заштити народот од таков вид сценарио“, вели тој.

Легислативата која беше усвоена од парламентот во минатата недела и која стапи во сила денеска, значително ги зголемува казните за оние што ќе излезат на неодобрени улични протести.

Азаров изјави дека ваквата легислатива била целосна копија на сегашните европски закони.

Но високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Нави Пилај оцени дека пакетот мерки не е во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и побара од украинските власти да го суспендираат.

Украинскиот претседател Виктор Јанукович побара дијалог со опозициските лидери за да се изнајде компромис.

Но, еден од нив, поранешниот светски боксерски шампион Виталиј Кличко, изјави дека бил одбиен кога сакал да се сретне со претседателот Јанукович. Тоа веднаш беше демантирано од претседателскиот кабинет.

„За жал, не дојде до конструктивен разговор. Виталиј Кличко, како што разбрав, ја напуштил средбата. Повторувам тој не ја зборува вистината“, изјави шефот на украинскиот Совет за национална безбедност Андриј Клуев.

Вчера во Москва, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека ситуацијата во Украина излегува од контрола и за тоа ја обвини опозицијата, но и Европската унија.

Според него, охрабрувањето на протестите од страна на Унијата претставува „невкусно мешање“ во внатрешните работи на Украина. Во нередите кои избувнаа во текот на викендот стотици луѓе се повредени.

Протестите во Киев траат од минатиот ноември кога претседателот Јанукович одби да го потпише договорот за поблиски врски со Европската унија, на сметка на поголема економска соработка со Русија, потег што од Москва беше награден со 15 милијарди долари финансиска помош за Украина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG