Достапни линкови

Мирни избори со мали нерегуларности


Локални избори во Битола 2013.
Локални избори во Битола 2013.

Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи соопшти дека излезноста до 17 часот била 57,57 отсто. Граѓанската асоцијација МОСТ забележала бројни неправилности на гласачките места.

Излезноста голема, странските набљудувачи најавуваат прелиминарен извештај за утре, а независните домашни набљудувачи нотираат бројни неправилности.
Изборниот ден го оценуваме како мирен ден, демократски и мислам дека беше во духот на изборниот законик и сите одредби кои се поврзани со изборите.
Субхи Јакупи, Потпретседателот на ДИК.

Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи соопшти дека излезноста до 17 часот била 57,57 отсто, додека на ниво на Скопје излезноста била 53,08 отсто. Најголема излезност од 83,4 отсто имало во Вевчани. Во Пехчево гласале 75 отсто, во Берово околу 73, а во Кичево околу 71 отсто граѓани што гласале до 17 часот.
Набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР на избирачко место во Скопје, Локални избори 2013.
Набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР на избирачко место во Скопје, Локални избори 2013.

„Изборниот ден го оценуваме како мирен ден, демократски и мислам дека беше во духот на изборниот законик и сите одредби кои се поврзани со изборите. Како Државна изборна комисија го оценуваме во духот на демократскиот процес и досега ги оценуваме како успешни и фер и демократски избори.“

Тој информира дека до ДИК се пристигнати поплаки од луѓе што ги немало во избирачкиот список.
Гласачко место 0678 општина Кавадарци партиски набљудувач правел список со гласачи бидејќи се читаат на глас. По реакција на останатите членови на ИО и набљудувачите списокот му е одземен и скинат по што гласањето продолжило.
Дарко Алексов, МОСТ.

Граѓанската асоцијација МОСТ забележала бројни неправилности на гласачките места. Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов рече дека во Пробиштип е забележан случај кога на едно лице му е дадено да гласа пред да се провери во Избирачкиот список и додека тој бил зад параванот Избирачкиот одбор утврдил дека го нема на списокот. Ливчињата се поништени и направен е записник, рече Алексов.

„Гласачко место 0937 општина Кратово параванот за гласање има отвор поради што е нарушена тајноста на гласањето. Гласачко место 0845 општина Кочани имало 15 минутен прекин поради распани УВ ламби. Поправени се и продолжило гласањето. Гласачко место 0678 општина Кавадарци партиски набљудувач правел список со гласачи бидејќи се читаат на глас. По реакција на останатите членови на ИО и набљудувачите списокот му е одземен и скинат по што гласањето продолжило. Гласачко место 2563 општина Ѓорче Петров набљудувач на политичка партија во 7 случаи им помагал на гласачите при гласањето и им сугеририрал за кого да гласаат. Гласачко место 2916 општина Чаир гласач не бил запишан во ИС, а му било дозволено да гласа“, информира директорот на МОСТ Дарко Алексов.
Директорот на ОДИХР Јанез Ленарчич.
Директорот на ОДИХР Јанез Ленарчич.

Тој рече дека во неколку општини се забележани случаи на семејно гласање и читање на глас на имињата на гласачите.
Демократските избори се момент кога демократијата е ставена на тест во секоја земја, се надевам дека овој тест ќе биде успешен. Тука огромна улога има владата и другите актери.
Јанез Ленарчич, директор на ОДИХР.

Граѓани во повеќе општини се пожалија дека ги нема во избирачкиот список.

Портпаролот на МВР Иво Котевски денеска рече дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, без ниту еден посериозен инцидент.

„Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, така што немаше потреба од посебна интервенција на полицијата. Гласањето на избирачките места се одвива без проблеми и без нарушувања на избирачкото право“, рече Котевски.

Тој информира дека МВР поднела една кривична пријава за нарушување на изборниот процес во Куманово, а двајца луѓе од Зрновци заработиле кривични пријави за поткуп на гласачи.

Директорот на ОДИХР Јанез Ленарчич, кој беше во набљудувачка посета на избирачките места во ОУ „Живко Брајковски, во Скопје, изјави дека овие локални избори се важни за земјата.

„Демократските избори се момент кога демократијата е ставена на тест во секоја земја, се надевам дека овој тест ќе биде успешен. Тука огромна улога има владата и другите актери. Ние ќе набљудуваме одблиску и се надеваме дека утре ќе имаме прелиминарни резултати, но исто така ќе го набљудуваме и постизборниот процес.“

Локалните избори во Македонија се одржуваат во 80 општини и во Градот Скопје. На 2.976 гласачки места својот глас, според избирачкиот список, треба да го дадат 1.743.403 граѓани.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG