Достапни линкови

Претседателот Иванов и Рикер разговарале за интеграциите во НАТО и ЕУ


Претседателот Ѓорге Иванов и Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД.
Претседателот Ѓорге Иванов и Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД.

Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската унија и НАТО, соопштуваат од кабинетот на Претседателот Иванов.

Членството во НАТО и Европската унија како највисоки приоритети, како и можноста за деблокада на интеграциските процеси биле клучни теми на кои се разговарало на средбата помеѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД и поранешен амбасадор на Америка во Скопје. Од кабинетот на претседателот Иванов не соопштуваат дали на средбата во Охрид станало збор за спорот за името кој Македонија го има со Грција.
Претседателот Иванов го запозна заменик помошникот државен секретар на САД и со улогата на Република Македонија во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската унија и НАТО.
Соопштение од кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов.

„Претседателот Иванов го запозна заменик помошникот државен секретар на САД и со улогата на Република Македонија во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската унија и НАТО. На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес“, стои во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.

Претседателот Ѓорге Иванов на отворањето на школата за млади лидери потсети на говорот на Генералниот секретар на Обединетите нации неодамна во Охрид, кој рече дека никогаш не прави компромис со принципите на Обединетите нации.

„Кога станува збор за човекови права и човечко достоинство не смеете никогаш во животот да правите компромис. Тоа е ѕвезда водилка. На Меѓународна конференција во Мостар, Босна, го поставив прашањето ’Што треба да правиме за иднината на Балканот? Луѓето треба да научат да возат. Затоа што кога возите, стаклото што ви е напред е големо, а она што е назад е мало. Нас на Балканот ни е неопходно да гледаме кон иднината да ни се отворат видици, а сосема малку колку што е голем ретровизорот во автомобилот да погледнуваме назад, за некој да не не прегази и да ни направи на тие што им правел пред нас“, рече Иванов.

Филип Рикер во Македонија останува до 25 август и истата ќе ја искористи за средби и со претставници на Владата, бизнисмени и лидери на заедниците. Рикер имаше обраќање и пред учесниците на школата за млади лидери која се одржува во Охрид под покровителство на претседателот Иванов, но обраќањето беше наменето само за учесниците на школата. Во кратката изјава, Рикер искажа задоволство што повторно се враќа во Македонија.

„Задоволство ми е што повторно сум во Охрид и Македонија. Чест ми е што сум меѓу младите лидери кои имаат перспектива и поглед кон предизвиците во општеството, кои Македонија до максимум ќе ги искористи своите силни страни и своите ресурси. Но во регионален и глобален контекст“, рече Рикер.
XS
SM
MD
LG