Достапни линкови

Езотерична линија на Тенев во Кинотека


Сликарот Денис Тенев.
Сликарот Денис Тенев.

„Езотерична линија“ е насловена новата самостојна изложба на академскиот сликар и слободен уметник Денис Тенев што од 22 до 30 март ќе се случува во Кинотека на Македонија. Добитникот на наградата „Златна четка“ на ДЛУМ за 2011 година, се претставува со 25 дела работени во комбинирана техника на акварел, колорни моливи и фломастери на платно кои на повидок го новиот цилкус од творештвото на авторот.

Не постои линија во природата... Само окото на уметникот може да ја препознае, види и прослави. Линијата е основа во уметноста, граница што ги разбива границите. Таа ни ја раскажува приказната, ги движи формите... Линијата е кралица на просторот.
Сите што ќе ги видат делата ќе препознаат дека практично формите се направени од линијата. Нема тука ни сенчање, ни создавање на потемно-посветло, туку исклучиво со линија се создава целата градација и формата практично.
Денис Тенев, сликар.

Ова ќе го забележи на страниците од каталогот за својата нова самостојна изложба „Езотерична линија“ - сликарот, дигитален уметник и графички дизајнер Денис Тенев. Тој на оваа постановка, што ликовната публика до 30 март ќе може да ја проследи во Кинотека на Македонија, се претставува со 25 дела со кои го разоткрива новиот цилкус во сопственото творештво.

„Сите што ќе ги видат делата ќе препознаат дека практично формите се направени од линијата. Нема тука ни сенчање, ни создавање на потемно-посветло, туку исклучиво со линија се создава целата градација и формата практично.“

Уметникот дополнува дека оваа техника ја разработува во последниве две години и дека актуелната понуда е некоја завршница на сето тоа истражување. Притоа постановката ја именувал како „езотерична“, сакајќи да ја нагласи токму посебноста на таквиот потег.

Роден 1967 година во Скопје, Денис Тенев зад себе има бројни самостојни изложби од кои посебно за издвојување се оние во Арт ест галери во Париз, Ем Си галери во Њујорк, во Прима центар во Берлин, преставувањето на избраните дигитални дела во галерија „Обербанк“ во Виена, а минатата година во КИЦ ги претстави своите „Типографски мозаици“. Учествувал на групни претставувања во Италија и во Германија, зад него се голем број на интернационални колонии во земјава и во странство, а добитник е и на дузина награди за своето творештво од кои неизоставно треба да се спомнат „Златна четка“ на ДЛУМ за сликарство мал формат во 2011, почесната награда за дигитална уметност во Кијанчано – Италија, признанието од НУБ „Свети Климент Охридски“ за графика и годишната награда на неделникот „Пулс“.
Сепак, како и на секој слободен уметник и нему не му е лесно да стигне растоварен од споредните работи до галериските простори.

Една изложба е премногу сериозен и голем проект, колку што е умствено и физички значи напорот кој се вложува да се создадат тие дела, а уште потежок е проблемот финансиски.
Денис Тенев, сликар.
„Една изложба е премногу сериозен и голем проект, колку што е умствено и физички значи напорот кој се вложува да се создадат тие дела, а уште потежок е проблемот финансиски.“

Инаку, заедно со Бурхан Ахмети и уште двајца британски колеги, Тенев на 21 април со 12 свои дела ќе и претстави на лондонската публика, со дигиталните принтови во јуни ќе патува на групната изложба во Тбилиси – Грузија, а запрашан за местото на македонската уметност во глобални рамки, вели дека од она што тој го видел нашите автори можат комотно да им парираат на своите колеги од било кој дел на светот.

„Тврдам дека во Македонија има многу добри автори, кои само малку треба, веројатно некоја менаџерска работа и да се стави сето тоа во некоја подобра и поголема функција.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG