Достапни линкови

Идентитетот настрана за намалување на нервозата


Средба на премиерот Никола Груевски со посредникот на ОН Метју Нимиц.
Средба на премиерот Никола Груевски со посредникот на ОН Метју Нимиц.

Изјавите на Нимиц не влеваат оптимизам за евро-интеграциите, реагира опозицијата. За ДУИ, пак, не може да се очекува сензација до Самитот на НАТО во Чикаго.

Доколку не постојат информации кои што не и се презентираат на јавноста во врска со продолжувањето на разговорите за името, изјавите на медијаторот Нимиц по неговите средби со властите во Скопје не укажуваат на никаков прогрес во надминувањето на спорот за името и укажуваат на тоа дека преговорите тапкаат во место, што истовремено влева песимизам и во врска со интеграциите на замјава во меѓународните организации, реагира денеска опозицијата.
И оваа посета, како и претходните посети, не гледаме дека носи нешто ново, а владата повторно ќе ја искористи да ја мати водата.
Гордан Георгиев, СДСМ.

„И оваа посета, како и претходните посети, не гледаме дека носи нешто ново, а владата повторно ќе ја искористи да ја мати водата“, изјави Гордан Георгиев од СДСМ.
Средба на Претседателот Ѓорге Иванов со амбасадорот на ОН Метју Нимиц.
Средба на Претседателот Ѓорге Иванов со амбасадорот на ОН Метју Нимиц.

По изјавите на Нимиц, никакви сензации до самитот на НАТО во Чикаго којшто е во мометнов најсилниот мотив за очекување напредок во спорот за името, не очекува ниту од владејачката ДУИ.
Јас лично не очекувам сензација до самитот на НАТО, меѓутоа одржувањето на преговорите и активноста на Нимиц е за поздравување, значи да се остави простор да можат страните да не се оддалечат од овој проблем, туку да бидат проактивни.
Талат Џафери, ДУИ.

„Во секој случај значи ги канализира работите да одат во текот на она што значат преговорите. Јас лично не очекувам сензација до самитот на НАТО, меѓутоа одржувањето на преговорите и активноста на Нимиц е за поздравување, значи да се остави простор да можат страните да не се оддалечат од овој проблем, туку да бидат проактивни“, изјави Талат Џафери од ДУИ.

Она што создава извесна атмосфера на оптимизам од изјавите на медијаторот кај домашните експерти е неговото разграничување на спорот за името од какви било дополнителни идентитетски прашања, што според нив го олеснува проблемот.

„Затоа што кај нас дури и малку нервоза се создава кога се прошири темата на преговорите надвор од прашањето на името и мислам дека е многу добро што сега медијаторот Нимиц го симнува нивото на она што е реално во резолуцијата на ОН поставено, а тоа е прашањето на разликите околу името“, вели професор Димитар Мирчев.

Тој, според изјавите на Нимиц, се надева на забрзување на процесот, па дури и доаѓање до некакви реални солуции на наредната рунда разговори, откако, според очекувањата на Мирчев, Нимиц по овие средби во регионот ќе може да се концентрира на предлози кои би биле добра основа за завршување на преговорите. Во таа насока, според Мирчев, сигнализираат и проценките на медијаторот дека процесот трае веќе предолго и дека интерес на меѓународната заедница е тој побрзо да се реши.

„Меѓутоа, вториот дел од секоја изјава на странски дипломат е дека ние, во смисла странските дипломати, не можат никогаш да помогнат ако ние самите не сакаме да си помогнеме себеси. Ако ние значи не се приближиме во ставовите, во преговорите немаме успех, џабе е волјата на меѓународната заедница да се реши спорот“, додава професор Беким Кадриу.
XS
SM
MD
LG