Достапни линкови

Македонија ја прослави Нова година понемирно од лани


Скопје украсено за Нова година.
Скопје украсено за Нова година.

Во Ургентниот центар во Скопје биле примиле 54 пациенти за Нова година. На Токсикологија дошле 52 пациенти, од кои 28 пијани и еден прејаден.

Македонија ја прослави Новата година попијано и понемирно од лани. По кафулиња, кафеани, дискотеки, или во своите домови граѓаните си посакаа здравје, успех и пари во годината што претстои. Најмногу луѓе повторно собраа плоштадите. Ѕвезда на вечерта на скопскиот плоштад беше кралицата на ромската музика Есма Реџепова, на битолскиот плоштад Магнолија пееја Драган Мијалковски и Маја Оџаклиевска, а охриѓани ги забавуваше нивниот Ѓоко Танески и Влатко Илиевски.

Понемирна новогодишна ноќ од лани

Дел од луѓето ја поминале најлудата ноќ полудо од што треба. Труење со алкохол, убоди од нож, повреди со огнено оружје. Најмногу работа имале скопските полицајци и лекари.

Новогодишната ноќ помина со поголем број нарушувања на јавниот ред и мир на целата територија на Македонија, за разлика од минатата година, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Потежок инцидент се случил на новогодшната прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде 15-годишно девојче добило фрактура на прстот од раката, најверојатно од употреба на пиротехнички средства или од заскитан проектил.

Масовното славење во Драчево поминало без поголеми инциденти, само со три помали нарушувања на јавниот ред и мир, какви што биле забележани и во Радовиш, во Охрид каде што странски државјани се степале со сопственик на угостителски објект.

28 препиле, еден прејал

Дежурните медицински екипи ноќеска ималe доста работа. Од Ургентниот хируршки центар во Скопје соопштија дека примиле педесет и четири пациенти во текот на новогодишната ноќ. Најголемиот дел од примените биле повредени од огненострелно оружје, потоа со експлозивни направи и убоди со нож. Велат дека дел од примените пациенти се во критична состојба, но никој не е во живатна опасност.

На Клиниката за токсикологија биле примени 52 пациенти, од кои 28 со алкохолно труење. Меѓу тие што препиле имало и едно девојче кое имало помалку од 14 години.

Освен труења со алкохол имало и едно воспаление на панкреас заради консумирање на поголема количина на храна, информираат од клиниката.

Прво па женско, ветува бериќетна година

Првороденото бебе оваа година е женско, родено 15 минути по 1 часот, во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Бебето е тешко 3 килограми и 640 грама и долго 52 сантиметри. Првото новороденче ќе добие штедна книшка со 20 илјади денари од Град Скопје. Според верувањата, ако првороденото бебе во новата година е женско, значи дека ќе имаме бериќетна година.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG