Достапни линкови

Писмото до Пападимос - дипломатска игра?


Премиерите на Македонија и на Грција, Никола Груевски и Лукас Пападимос.
Премиерите на Македонија и на Грција, Никола Груевски и Лукас Пападимос.

За експертите, повеќе дипломатска игра отколку сериозна намера е писмото од Груевски до Пападимос.

Писмото што премиерот Груевски му го испрати на новиот грчки премиер Лукас Пападимос во кое бара Грција да го поддржи почетокот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ без решение на спорот за името, ги остави во дилема домашните експерти. Која е намерата на оваа, на македонската јавност експресно ставена на располагање преписка, во услови во коишто се појавува. Да се покаже уште еден гест на конструктивност или да се остане на површината на проблемот.
На некоја дипломатска игра ова повеќе ми личи отколку нешто сериозно бидејќи не може да се очекува од една таква влада која е дојдена со задача да ги разреши економските драматични проблеми одеднаш таа да се занимава со ова прашање.
Денко Малески, универзитетски професор.

„На некоја дипломатска игра ова повеќе ми личи отколку нешто сериозно бидејќи не може да се очекува од една таква влада која е дојдена со задача да ги разреши економските драматични проблеми одеднаш таа да се занимава со ова прашање“, изјави професор Денко Малески.

Освен тоа, како што додава, датумот за преговори не зависи исклучиво од Грција зашто при донесувањето на заедничката одлука, Советот на министрите има исклучително разбирање кога некоја од државите претставува одредено прашање како свој национален и безбедносен интерес и во случајов има очигледно разбирање за нерешениот спор околу името кој веќе е наведен во докумените на двете меѓународни организации како услов за продолжување на нашите европски и евроатлантски интеграции.

Професор Елена Андреевска, пак, писмото што го упати премиерот Груевски до својот грчки колега го смета за непотребно и поради начинот на којшто Македонија треба да дојде до наредниот чекор - добивањето датум за преговори со Унијата. Според неа, одлуките на европските институции се носат врз основа на постигнатите резултати кои се оценуваат врз основа на голем број критериуми во коишто Македонија се уште заостанува и покрај добиената препорака од страна на ЕК.

„Самиот датум за преговори многу зависи од тоа колку државата е подготвена да влезе во тие преговори, затоа што тоа се многу поглавја коишто едно по едно треба да се затвораат меѓу кои и овие за кои нас ни се забележува во тој извештај“, вели Андреевска.

Годинава Македонија доби трета по ред препорака за добивање датум за отпочнување преговори со Унијата во извештајот за напредокот на ЕК. Сепак, добивањето датум за отпочнување преговори со Унијата што треба да го одреди Советот на министрите и годинава не е на повидок. Македонските власти се надеваат дека врз евентуалната политичка одлука може да влијае објавувањето на пресудата на судот во Хаг доколку таа биде во наша корист.

Радио Слободна Европа спроведе анкета на својата интернет страница во којашто приближно 80 проценти од анкетираните одговориле дека не очекуваат дека Македонија ќе добие датум за преговори во декември.
XS
SM
MD
LG