Достапни линкови

Интервју - Радмила Шеќеринска


Радмила Шекеринска
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:19 0:00
Директен линк

Радмила Шеќеринска, СДСМ

Очекуваме граѓаните да гласаат така како што им кажува и срцето и разумот, но и стомакот и џебот, вели кандидатката за мандатар на СДСМ, Радмила Шеќеринска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.







Што очекувате да се случи со спорот за името и нашите евроинтеграции по изборите со оглед на тоа дека и власта, а сега и најголемата опозициска партија, кажаа дека независно од тоа кој предлог ќе биде прифатен како заедничко прифатливо решение, тој треба да помине на референдум?

И ова прашање како и многу други ќе зависат од одлуката која граѓаните ќе ја донесат на 5-ти јуни. Јас можам да зборувам што ќе напрви новата влада на СДСМ за разлика од сегашната влада. Прво ова прашање нема да го користиме за внатре партиски пресметки, нема да го користиме за конфронтација со политичките неистомисленици, нема да го користиме за да дигаме рејтинг, она што ќе го направиме е да навистина свртиме нов лист во преговорите, да има активна улога и да каже точно кои се позициите кои што смета дека се клучни за нашите интереси. Проблемот досега во Макеоднија не беше само референдумот, проблемот досега беше што имавме влада која пасивно преговараше, која ги изгуби сојузништвата и партнерствата со влијателниот дел од меѓународната заедница и која практично зависеше од дикатот или на Грција или на посредникот. Ние мислиме дека тоа мора да се промени, кога ќе дојдеме до решение кое сметаме дека е добро за граѓаните на Макеоднија и за иднината на Република Макеоднија тогаш јасно и гласно ќе кажеме, ние стоиме зад ова решение, сметаме дека е добро и ја бараме поддршката на граѓаните.

Но, зошто бевте против референдум, а сега го прифаќате. Ваши зборови беа дека секоја зрела политичка партија треба да носи тешки политички одлуки?

Апсолутно стојам зад тоа дека вистински политичари не се кријат зад другите и дека вистинските политичари знаат јасно и гласно да кажат што сметаат дека е добро, а што не. Референдумот нема тоа да го промени, значи дури и да постоеше варијантата сегашната влада да го решеше проблемот и да се одеше на референдум да излезе без став негов и без став на Владата. Она што сакавме да го постигнеме со ваквиот став во поглед на референдумот е да престанеме веќе да се караме за прашањата кои се битни за Македонија. Се расправавме имавме различни ставови околу преговорите, се расправавме, имавме различни ставови околу можните решенија, дајте барем едно прашање околу кои ќе можеме да кажеме дека сме се договориле. Во Македонија доколу постои критична маса, доколку постои сериозна партија која смета дека прашањето треба да оди на референдум, тој референдум ќе се случи, но она што нашата влада нема да го прави е да се крие зад јавноста, ќе излеземе пред јавноста и ќе кажеме зошто сметаме дека одредено решение е добро и дури потоа ќе бараме од јавноста да се изјасни, а нема да се криеме зад неа.

Но, ова може да се гледа и како обид за популизам или обид да се отргнете од тие етикети на „предавници и победници“?

Ако сакавме да бидеме популисти немаше референдумот да биде прашање околу кое ќе продававаме популизам. Ќе кажевме она што Груевски го кажува пет години, „нема да дозволиме никаков компромис, сите оние кои што се за компромис се предавници“ тоа го слушаме пет години. Разликата помеѓу нас и владата на заминување е што ние навистина на овие прашања не „печалиме“ поени и не продаваме сега некоја верзија на син популизам, како оној портокаловиот на Груевски. Затоа сметавме дека е многу важно да се сконцетрираме на барање на решение, а не на сите други прашања коишто се помалку битни.

Во делот на изборите како мислите да победите, кога ВМРО ДПМНЕ се покажа дека и натаму има висок рејтинг?

Високиот рејтинг се покажа дека е мит, мит кој Груевски го одржува со многу пари во медиумите и со неколку „сателити“ коишто објавуваат анкети, значи не би рекла прават анкети, туку објавуваат анкети. Целта на овие анкети не е навистина да се сондира расположението на граѓаните туку навистина да се испраќа порака во јавноста - многу сме јаки, многу сме јаки. Јас се сеќавам на анкетите во 2008 година, разликата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ беше 3 према 1, половина помала излезе на денот на изборите. Сега веќе дури и најповолните анкети за Груевски, не покажуваат такви резултати. Сегашната ситуација во која анкетари се прикажуваат како претставници на штабови на ВМРО ДПМНЕ во кои администрацијата се плаши да се изјасни за кого е бидејќи реперкусиите ќе следат набргу, анкетите навистина стануваат проблематични дури и за оние кои реално сакаат да го сондираат расположението.

СДСМ е шеста година по ред во опозиција, дали победата ја темелите на тоа да коалицирате со повеќе други партии за да обезбедите доволен број пратеници за да формирате парламентарно мнозинство?

На две работи ја темелиме победата. Првата работа е што реално граѓаните на Република Македонија не се задоволни од нашата реалност, не се задоволни од животот којшто го водат. Очекуваме граѓаните да гласаат така како што им кажува и срцето и разумот, но и стомакот и џебот. Вториот столб на кој што ја темелиме нашата победа е понудата која што им ја нудиме на граѓаните и сметаме дека тој тип на понуда на политики на обврски коишто ги преземаме ќе ги донесе мнозинството граѓани на наша страна. Граѓаните се заморени од истите кавги помеѓу политичарите кои не решаваат ниту еден проблем. Во оваа кампања не нудиме навреди, во оваа кампања глуви сме на навредите на противникот, во оваа кампања на јавноста и го нудиме тоа што бара да го чуе, а тоа е решение на нивните проблеми.

Во колкав степен можноста од победа ја темелите на тоа да коалицирате со повеќе други партии?

Знаете како, ние и во моментов пред изборите имаме коалиција со голем број на партии, очекуваме дека и после изборите ќе треба да се направат преговори за идната коалициска влада. Како партија секогаш сме имале добро искуство со коалиционите партнери. Тешко е некогаш да се преговараат такви влади, меѓутоа кога еднаш ќе го напрвиме тој договор, тоа и го почитуваме и сметам дека тој имиџ и тој впечаток што го имаат другите партии за СДСМ, ќе ни помогне да имаме поголем коалициски капацитет од останатите.

Имате ли сигурен партнер во албанскиот блок?

Ако ме прашувате веќе за албанскиот блок, мислам дека го имаме најсигурниот партнер, а тоа определбата на големото мнозинство етнички Албанци во Македонија кои не се задоволни и од економијата и од сиромаштијата , меѓутоа не се задоволни исто така и од оваа политика на конфликти и кавги. Не се среќни ниту Македонците, ниту Албанците кога ќе видат каква атмосфера се создава и во досегашната коалиција каде што поделбата која што се направи е поделба на зони на интерес, министерства и работни места,. Албанците, наши сограѓани бараат итна промена на власта и мислам дека тие ни се нашиот сигурен партнер. Оние партии коишто сакаат да ги освојат гласовите на мнозинството Албанци, ќе треба да излезат пред нив и да им кажат дека оваа коалиција досега не даде резултати и дека таа нема да ја повторат и во иднина.

Коментарот на вашите политички ривали вие да ја предводите кампањата, е дека лидерот на СДСМ Црвенковски одбрал човек кој треба да ги изгуби изборите?

Тоа е одраз на немоќта на нашите политички ривали. Немаат буквално ништо штоможат да ми најдат,ниту во моето минато, ниту во мојата досегшна политичка кариера, кое може да го окарактеризирате како слаба точка. И сега знаете како кога немате аргументи да го нападнате политичарот, тогаш се служите со ситни трикови. Јас несакам таква политика, јас ќе се трудам во кампањата да се занимавам со она што ми е задача, а тоа е да се разговарам со граѓаните, да ги чујам нивните проблеми и да им кажам како можеме да ги решиме.

Овие избори се оценуваат како клучни, очекувате ли да поминат во фер и демократска атмосфера?

Би сакала да можам да ви одговорам едноставно со ДА, меѓутоа ниту еден од условите за спроведување на навистина фер и демократски избори, власта не го реализираше. Избирачките списоците се полни со починати лица, и со сеуште не полнолетни граѓани, подготовките за гласањето на дијаспората крахираа на најлош можен начин, подготовките за ДИК, подготовките на сите државни институции, се покажаа како недоволни, меѓутоа круна на сето тоа мислам дека е однесувањето на власта кон медиумите, во изминативе пет години па и во овие дваесетина дена и нивниот однос кон администрацијата. Еднствениот одговор кој ние како граѓани треба да го имаме е да излеземе масовно на избори и да не дозволиме фалсификатот да се случи на денот на изборите.

Власта и вас ве обвинува дека вршите притисок врз гласачите за да обезбедите т.н. Сигурни гласови и дека подготвувате инциденти на изборите?

Прво сакам да почнам со инцидентите. Имаме зад нас 20 години искуство содемократски избори, некогаш биле подобри, некогаш биле полоши, можат да ни пишуваат различни други критики и голем дел да бидат оправдани, ама СДСМ не е партија која што обезбедува гласови со насилници, ниту била, ниту ќе биде. Во вториот дел на обвинувањата мислам дека е смешен обид на власта да ги смени улогите. Со што СДСМ како опозициска партија би ги уценувала граѓаните, што можеме да им дадеме,а што можеме да им земеме? Ништо! Единствен кој што во овој момент е во позиција да диктриа услови на граѓаните, да ги уценува, да ги заплашува, е власта која што тоа го прави. Имавте прилика да видите во медиумите, луѓе кои што работат во Фондот за здравсто, луѓе кои што работат во други државни институции, икои што јасно и гласно велат „да, раководителите ме натераа да донесам 20 гласа, доколку сакам да си го зачувам работното место.“ Доколку никој не биде казнет, овој скандал ќе биде црната точка на овие избори и нема да може да зборуваме дека се фер и демократски ако ова не се расчисти.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG