Достапни линкови

Србија и Косово на први директни разговори


Парламентот на Косово расправа за резолуцијата за разговорите со Србија
Парламентот на Косово расправа за резолуцијата за разговорите со Србија

Денеска во Брисел, за прв пат откако Косово прогласи независност, на преговарачка маса ќе седнат претставници на Белград и на Приштина. И двете страни се согласни дека е крајно време да се преговара за таканаречените технички прашања. Сепак, Белград смета дека преку решавањето на овие прашања, повторно ќе се отвори прашањето за статусот на Косово, на што се противи Приштина.

Разговорите во Брисел се надгледувани од Европската унија и од Соединетите Држави, кои веќе оценија дека двете страни се свесни дека успехот на преговарачкиот процес е во интерес на сите.

„Мислам дека е важно на првиот состанок да дојде до некои конкретни поместувања и двете страни да ги усогласат своите приоритети. Тоа би било најдобрата порака, не само за тие земји, туку и за регионот, бидејќи тоа ќе ја зголеми довербата“, оцени известувачот на Европскиот парламент за Србија Јелко Кацин, додавајќи дека на Брисел многу му се потребни позитивни вести од Србија, од Косово, од регионот и оти затоа овој почеток на преговорите е важен.

Со него се согласува и американскиот заменик помошник секретар за Европа Томас Кантримен кој додава:

Европратеникот Јелко Кацин и српскиот вицепремиер за европски интеграции Божидар Ѓелиќ во Белград на 20 декември 2010.

„За нас статусот на Косово е веќе решено прашање. Косовската независност е воспоставен факт. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е уште една потврда дека статусот на Косово не може и нема да се менува преку разговори.“
За нас статусот на Косово е веќе решено прашање. Косовската независност е воспоставен факт. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е уште една потврда дека статусот на Косово не може и нема да се менува преку разговори.

Што се однесува до самите преговори, во Белград се потенцира дека со Приштина не делат ист интерес за исти теми и затоа ќе се почне од оние за кои полесно може да се дојде до решение:

„Тоа се животни теми за кои, според нас, би требало најпрвин да се разговара. Тоа е прашањето за телекомуникациите, снабдувањето со електрична енергија, прашањето со бегалците и исчезнатите“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Од друга страна, и во косовските институции веруваат дека дијалогот ќе биде од технички карактер, но има и уверувања дека тој би можело да заврши и со политички теми.

Заменик-премиерот на Косово и шеф на приштинскиот тим на преговорите Едита Тахири и министерот за надворешни работи Енвер Хоџај во врска со преговорите веќе се консултираа со американската админситрација и со Европската унија.

Албин Курти од Самоопределување

Во меѓувреме, повеќето политички партии изразија согласност дека на преговорите со Србија треба да се разговара за технички прашања. Единствено се противат од движењето Самоопределување на Албин Курти, од каде што велат дека преговорите ќе бидат на штета на Косово и оти пред тоа треба да се исполнат некои услови:

„Тоа е признавање на Косово од страна на Србија, исплата на воена оштета, враќање на исчезнатите, испорака на воените злосторници. Погрешен е концептот“, вели Глаук Коњуфца од Самоопределување.

Тој не ја исклучува и можноста од демонстрации против дијалогот во Брисел.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG