Достапни линкови

Гадафи: Ќе се борам до крај


Во лут говор на државната телевизија, либискиот лидер Моамер ел Гадафи изјави дека останува на власт и покрај растечката меѓународна осуда за неговите брутални акции против антивладините демонстранти. Советот за безбедност на Обединетите нации на вонредна седница побара итно прекинување на насилството во кое се верува дека досега загинале стотици луѓе.

Со подигната тупаница во говорот емитуван на државата телевизија либискиот лидер Моамер ел Гадафи вети дека ќе се бори до, како што рече, последната капка крв.

„Не можам да ги напуштам почесните останки на мојот дедо во Мургуб. Јас ќе умрам како маченик на крајот“, изјави Гадафи кој се нарече за вечен лидер на револуцијата.


За антивладините демонстранти тој рече дека се млади луѓе кои биле погрешно водени и на кои им било дадено дрога и пари за да вршат напади врз полицијата и владините згради.

Гадафи побара од неговите приврзаници да возвратат на ваквите напади.

„Ајде да им покажаме како изгледа народна револуција. Излезете од домовите и покажете им го тоа веднаш“, изјави Гадафи по неколкудневните нереди во земјата предизвикани од револтот на луѓето кои бараат поголеми слободи и вработување.

Според сведочења на очевидци, силите лојални на Гадафи досега имаат убиено стотици демонстранти во повеќе градови во земјата.

Но, во говорот Гадафи изјави дека се уште не и наредил на полицијата да употребува сила.

„Кога ќе го сторам тоа, се ќе гори.“

Гадафи се соочува со голема осуда од меѓународната заедница.
Ајде да им покажаме како изгледа народна револуција. Излезете од домовите и покажете им го тоа веднаш.


„Либиските власти пукаат врз демонстрантите од воени авиони и хеликоптери. Тоа е неприфатливо и мора веднаш да биде прекинато“, рече генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.

Либиската државна телевизија ги отфрли ваквите наводи.

Во меѓувреме, Советот за безбедност во резолуцијата усвоена од сите 15 членки побара итни чекори со цел да се задоволат, како што се наведува, легитимните барања на либискиот народ.

Исто така, Советот бара од владата да се воздржи од употреба на сила, а понуди и меѓународни посматрачи да ја следат состојбата во земјата.


Либискиот заменик амбасадор во Обединетите нации Ибрахим Дабаши ја поздрави резолуцијата, но додаде дека тоа не е доволно.

„Би сакал да му се заблагодарам на Советот за безбедност за денешната акција. Иако не е доволно силно, сепак тоа е добра порака за режимот во Либија за да го запре крвопролевањето“, изјави Дабаши кој поради нередите го напушти режимот на Гадафи.

Тоа го сторија и неколкумина други либиски амбасадори, а оставка поднесе и еден од најблиските соработници на Гадафи, министерот за внатрешни работи Абдел Фатах Јунис.

Инаку, во светот почнаа да растат и стравувањата од можен голем бегалски бран од Либија.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Франко Фратини претпоставува дека тој број би можел да биде околу 300 илјади.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG