Достапни линкови

30 дневен притвор за Рамковски


30 дневен притвор за Рамковски
30 дневен притвор за Рамковски

Истражниот судија им изрече 30 дневен притвор на Велија Рамковски и 15 лица управители на фирми од ул. ,,Перо Наков".

Истражен судија од Основниот суд Скопје 1 малку пред полноќ на сопственикот на А1 Телевизија Велија Рамковски, како и на уште 15 лица-управители на фирми од ул. „Перо Наков“ им изрече мерка 30 - дневен притвор. Во притвор се одведени 16 лица, меѓу нив, Велија Рамковски, директорката на А1 телевизија Анета Кочишки, ќерката и братот на Рамковски, а две лица се недостапни за органите на прогонот. Распитот пред истражен судија траеше повеќе од десет часови, а претходно уште повеќе од 12 часови во полициската станица Автокоманда. За тоа време, екипа на Итната помош интеревенираше два пати - за Јасмин Латифовиќ, вработен во компјутерскиот центар на Телевизијата. Вториот пат тој е одведен во Ургентниот центар, каде здравствената состојба му е подобрена. Според лекарски информации се работи за последици од силен стрес.

МВР и УЈП објаснуваат, опозицијата реагира


Додека 16 лица меѓу кои и сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски беа на распит пред истражен судија во основниот суд Скопје 1, полицијата трагаше по уште седум лица кои се осомничени дека учествувале во финансиски криминал. Четворица од нив биле странски државјани, а двајцата од Скопје до овој момент се недостапни за полицијата. Од Mинистерството за внатрешни работи соопштија дека вчерашната акција во која беа приведени Рамковски и уште 15 други лица кои се управители на фирмите на адреса Перо Наков бб. Била крајно сериозна и во рамки на утврдените законски прописи.
Неевиденриран промет од продажба на трговска стока и услуги во готово, издадени фактури со неверодостоен промет, со суми кои не се евидентирани кај издавачите на фактури, а се евидентирани кај примателите.


„Одделот за организиран криминал при МВР, во координација со УЈП и Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам и поднесе кривична пријава против 23 лица кои фигурираат како сопственици, управители и вработени во повеќе друштва со седиште на улица Перо Наков“, изјави Иво Котевски од МВР.

Покрај нив поднесени се кривични пријави и против десет правни лица за сторени кривични дела злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување и други кои се однесуваат на периодот од 2005 до 2010 година.

Контролата на управата за јавни приходи покажала дека осомничените нелегално заработиле 17 и пол милиони евра, а буџетот на државата бил оштетен за околу четири милиони евра затаен данок.



„Она што во моментов е констатирано е неевиденриран промет од продажба на трговска стока и услуги во готово, издадени фактури со неверодостоен промет, со суми кои не се евидентирани кај издавачите на фактури, а се евидентирани кај примателите. Издадени фактури за друго даночни обврзници со неверодостоен промет неевидентиран во деловните книги“, изјави првиот човек на УЈП, Горан Трајковски.

Во однос на сомневањата за перење пари, Трајковски рече дека текот на парите е познат. Засега бил докажан трансфер на 200 000 евра без економска основа. Парите биле исплатени на фирма во Хрватска, за што нема добиено повратно ниту стока, ниту услуга.

По синоќешната акција на полицијата, регираше и опозицијата. Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Бранко Црвенковски обвини за класична злоупотреба на институциите и селективна правда.



,,Вчера власта продолжи со латино американската демонстрацијата на сила против сите оние кои мислат поинаку од Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Нема друг логичен одговор зошто беа потребни драматични апсења пред полноќ на лица кои се достапни за органите на прогонот,"

СДСМ најави дека ќе поднесе кривични пријави за министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и директорот на УЈП, Горан Трајковски поради, како што рекоа, селективната битка против криминалот и корупцијата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG