Достапни линкови

Нема логика?


Груевски - Фишер, Прага 09.02.2010
Груевски - Фишер, Прага 09.02.2010
На прашањето на Радио Слободна Европа за проценката на повеќе западни дипломати, дека ако во наредните месеци не биде постигнат договор со Грција за името и Македонија не добие датум за почеток на преговорите за членство со Европската Унија, се можни меѓунационални тензии во Македонија, чешкиот премиер Јан Фишер изрази увереност дека до тоа нема да дојде.

“Мислам дека повремено сме вознемирени од разни информации, тоа е многу силна оценка, а јас не го делам тоа мислење. Тоа е премногу драматично, но тој процес може да се забави. Јас, по состанокот со премиерот Груевски, сум умерен оптимист”.

На истото прашање, македонскиот премиер Никола Груевски со став дека проценките за можни меѓунационални тензии во Македонија немале логика. „Тоа само би ги забавило разговорите со Грција или би ги ставило ад-акта. Нема логика за такво нешто. Ако на таков начин се сака да се постигне каков било прогрес, би се постигнало нешто што е спротивно на прогрес“, изјави Груевски.

Чешкиот премиер Јан Фишер уште еднаш повтори дека проширувањето на Европската Унија, пред се, кон земјите од Западен Балкан, е познат приоритет на чешката надворешна политика, но оти Македонија, или како што ја нарекуваше, Поранешна Југословенска Република Македонија, треба да најде решение за спорот со Грција за името ако сака да се приклучи во Европската Унија и во НАТО.
Барањето ново име за Поранешната Југословенска Република Македонија е работа која во прв ред е билатерална и е прашање на договор со Грција. ...

“Барањето ново име за Поранешната Југословенска Република Македонија е работа која во прв ред е билатерална и е прашање на договор со Грција. Овој проблем го следиме со големо внимание, не само во рамките на Европската Унија, таму е и специјалниот претставник на Обединетите Нации. Тоа бара стрпливи преговори а јас цврсто верувам дека двете страни се подготвени на компромис и оти тоа прашање ќе тргне напред, со што ќе се отвори патот на Македонија кон Европската Унија и НАТО, а тоа Чешка го подржува”.

Груевски пак, во врска со спорот за името, повторно ја префрли топката кај Грција, истакнувајки дека само Македонија е заинтересирана за решение на спорот. “Се разбира, решенеието не може да биде постигнато ако само едната страна го посакува и се бори за него. И во тој контекст се надеваме дека и другата страна, Грција, ќе вложи поголеми напори и поголемо разбирање во целиот процес, за да се дојде до решение”.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG