Достапни линкови

Владата потрошила 17,5 милиони евра за реклами?


Владата, минатата година, потрошила околу 17 и пол милион евра за реклами и со тоа станува втор најголем огласувач, веднаш по Т-Мобиле, велат податоците на агенциите за истражување на медиумскиот пазар. Овие податоци не ги опфаќаат рекламите во странските медиуми, како што беше кампањата Инвестирајте во Македонија.
Нашата влада е во една перманентна кампања. Владата ги промовира нејзините проекти, а факт е дека тоа влијае и на рејтингот на владеачката коалиција, а посебно на главниот носител на власт ВМРО ДПМНЕ


Во тие податоци не се пресметани ниту парите потрошени за билборди и за радиорекламирање, туку само за реклами на телевизија и во весниците.

Експертите за маркетинг велат дека оваа сума не е реална и е далеку помала, затоа што агенциите ги прават овие истражувања според официјалните ценовници на медиумите кои често даваат огромни попусти за рекламирање. Точната сума е речиси невозможно да се утврди, а Владата и покрај големиот интерес на јавноста до сега не одговори колку пари потрошила за огласување.
Политикологот Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели дека големиот рејтинг на владеачката партија, делумно, се должи и на засиленото рекламирање.

„Нашата влада е во една перманентна кампања. Владата ги промовира нејзините проекти, а факт е дека тоа влијае и на рејтингот на владеачката коалиција, а посебно на главниот носител на власт ВМРО ДПМНЕ“

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини се сомнева дека за рекламирање се потрошени многу повеќе од 17 милиони евра. Хајредини го поткрепува својот сомнеж со тоа што владата ги крие податоците за парите потрошени за рекламирање.
Однесување без преседан, со злоупотреба на средствата на даночните обврзници за лична промоција и за промоција на партијата на власт.


„Однесување без преседан, со злоупотреба на средствата на даночните обврзници за лична промоција и за промоција на партијата на власт. Фактот дека веќе две години, на арогантен начин се одбива да се одговори и на пратенички прашања за парите кои се трошат од буџетот за реклами зборува сам за себе.“

Според податоците на истражувачките агенции, во изборната кампања за јунските предвремени парламентарни избори, политичките партии потрошиле околу 35 милиони евра за реклами на телевизија и во весниците, не сметајќи ги билбордите.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG