Достапни линкови

Предизборните ветувања, неизбежен фолклор


Граѓаните велат дека не им веруваат на политичарите, затоа што многупати досега се покажало дека кампањите се само празна реторика. Народот веќе на тоа гледа како на некоја традиција- нешто што мора да се каже за да се освојат изборите, вели Александар Цветкоски од Агтис.

Започна предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, а со тоа и митинзите на партиите во секој град низ земјава, на кои со низа ветувања политичарите ќе се обидуваат да го освојат секој глас за да дојдат на власт. Но, прашање е колку од тие ветувања ќе се остварат кога ќе завршат изборите.
На оние што се скормни, ненападни им верувам, на тие што се нападни, кои сакаат по секоја цена да добијат глас, не. Сè што се рекламира, кое се фали, не е квалитетно.
Анкетиран граѓанин.


Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не им веруваат на политичарите или воопшто не слушаат што тие нудат, затоа што многупати досега се покажало дека кампањите се само празна реторика.

„На оние што се скормни, ненападни им верувам, на тие што се нападни, кои сакаат по секоја цена да добијат глас, не. Сè што се рекламира, кое се фали, не е квалитетно.“


„Не ги слушам јас многу тие ветувања, затоа што и едните и другите ги видовме што се, како се, ниту едните ниту другите не се покажаа баш.“

„Најверојатно ветуваат за да гласаат граѓаните за нив. Не им верувам дека ќе остварат нешто од тоа што го веруваат, тешко тоа во ова време“, велат анкетираните граѓани.
Ветувањата на кандидатите за претседател и воопшто на политиките партии не допираат многу до народот, народот веќе на тоа гледа како на некоја традиција- нешто што мора да се каже за да се освојат изборите.
Александар Цветкоски, АГТИС.


Александар Цветкоски од невладината Агтис вели дека граѓаните сфатија оти политичарите нудат сè и сешто во кампањите и тоа нема влијание за кого тие ќе гласаат, бидејќи најголем дел од нив веќе се партиски определени. Додека, според него, неопределните не излегуваат на гласање, бидејќи не им веруваат.

„Ветувањата на кандидатите за претседател и воопшто на политиките партии не допираат многу до народот, народот веќе на тоа гледа како на некоја традиција- нешто што мора да се каже за да се освојат изборите. Сега не влијаат многу ветувањата, порано имаа многу поголемо влијание отколку сега, но сега мислам дека се оди само на она чувство за кого човек би гласал.“

Но, според него, сепак дел од ветувањата политичарите ги реализираат, посебно она што народот го интересира, а тоа е голата егзистенција и подобрување на животниот стандард.

„Мислам дека Македонците се доста калкуланти, тргнуваат од своите лични интереси и тука тие ветувања, околу тие директни давања имаат влијание. На пример, да се зголемат пензиите, да се дадат повеќе субвенции и луѓето единствено тоа го слушаат, а другото среднорочно и долгорочно планирање, тие инвестиции, мислам сето тоа го сметаат само како фолклор.“

Сите партии излегоа со свои програми за тоа како ќе работат на иднината на земјата доколку дојдат или останат на власт, а за нив граѓаните секојдневно освен на митинзите ќе можат да слушнат и видат на рекламите на сите медиуми.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG