Достапни линкови

Галичка колонија 2014 во чекор со новите текови во уметноста


Девет афирмирани уметници од повеќе европски земји се учесници на годинашната 26-та по ред сесија на традиционалната Интернационална ликовна колонија Галичник, која се одржува од 15 до 22 август. И овој пат во фокусот се исклучиво „новите медиуми“ - фотографијата, дигиталната графика, фото инсталациите, видео артот и видео инсталациите.

Дејвид Голденберг од Велика Британија (еден од минатогодишните претставници на Кралството на Венециското биенале), Катарина Банушевац од Србија, Романката Јоана Пиару, Маурин Бахаус од Холандија, Шпанецот Ајсберг Фернандез, Беким Корча и Јетон Муја од Косово, Бригита Антони од Црна Гора и нашата Ана Лазаревска, се уметниците кои во текот на изминатава недела, од 15 до 22 август, творат и дебатираат на годинешната 26-та по ред сесија на Интернационалната ликовна колонија – Галичник.

Ова е една од поуспешните ликовни манифестации на Галичката колонија. Се надевам дека резултатот најдобро ќе може да се види откако делата ќе бидат финиширани, продуцирани и претставени пред македонската јавност.
Ана Франговска, уметничката раководителка на Галичката колонија.

Станува збор за значајни и афирмирани уметници не само во земјите од кои што доаѓаат и кои имаат исклучителни творечки остварувања во своите богати биографии. Тие и овој пат, согласно интенцијата на организаторот да биде во чекор со најновите текови во уметноста, беа селектирани заради нивниот посебен интерес за „новите медиуми“ и инспирирани од традицијата, посебностите на крајот и воопшто на Република Македонија работеа фотографии, дигитални графики, фото-инсталации, видео арт и видео инсталации.

Ана Франговска, уметничката раководителка на Колонијата, истакнува дека изработката на делата е во завршна фаза и дека се работи во регионот Река, Маврово, Галичник... Вели дека патем направиле неколку посети на културните блага на Македонија како манастирот „Свети Јован Бигорски“ и дека им останува уште да го погледнат древниот Охрид со неговите единствени цркви и манастири.

„Можам да ви кажам дека по соочувањето со целокупниот нивни уметнички репертоар ова е една од поуспешните ликовни манифестации на Галичката колонија. Се надевам дека резултатот најдобро ќе може да се види откако делата ќе бидат финиширани, продуцирани и претставени пред македонската јавност, а тоа ќе се случи догодина на триеналната изложба на последните три сесии“, вели таа.

Франговска дополнува дека е убедена оти нивното гостопримство од една страна и убавините и културната традиција која што ја нуди Македонија, ќе придонесат кон надополнување на уметничкиот смер што овие творци си го тераат досега бидејќи сепак не станува збор за пејзажна колонија којашто се занимава со пренесување на визуелната убавина, туку сето она што тие го црпат од средината во која што се твори со сигурност ќе има рефлексии врз нивните понатамошни уметнички делувања.

„Како една од суштинските причини за постоењето на ваквите манифестации е секако и воспоставувањето на понатамошни линкови и поврзувања на уметниците. Сигурна сум дека по ова издание тие не само што ќе продолжат да се развиваат туку и ќе се мултиплицираат на различни нивоа“, вели Франговска.

Со слична размисла околу комуникацијата со останатите уметници е и Ана Лазаревска, која како единствен претставник од Македонија, на Колонијата продолжила да го развива својот проект инспириран од селата на Мијачкиот крај на кого работи цела една година.

„Се работи за фотографии во стари куќи. Тоа е мојата инспирација. Куќи коишто се напуштени или коишто нема кој да ги одржува. Овој проект трпеливо го развивам и крајниот продукт ќе ѝ биде предочен на публиката на претстојната изложба што наскоро ќе се одржи во Скопје“, вели Лазаревска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG